1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кери до привремената власт во Египет - САД не толерираат насилство

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека неговата земја е посветена на работата со привремената власт во Египет. Тој е во прва посета на Каиро откако војската во јули го собори Мохамед Мурси од власт.

Во предвечерјето на отворањето на судскиот процес против Мурси, Кери беше во Каиро за да ги зајакне врските со клучниот сојузник – Египет, и да осигура дека тој се движи нанапред со плановите за враќање на демократијата во земјата. Ова се случува неколку недели откако Вашингтон ја запре помошта за оваа земја.

„Ние сме посветени на работата и ќе ја продолжиме соработката со привремената влада“, рече Кери на заедничката прес-конференција со египетскиот министер за надворешни работи Набил Фахми. Американскиот државен секретар побара „инклузивни, слободни и фер избори“ во Египет.

Односите да не се дефинираат преку помошта

Во однос на запрената помош од над 1.500 милиони долари, од кои 1.300 милиони долари беа наменети за воена помош, а 260 милиони за буџетска поддршка на владата, Кери рече дека „односите меѓу САД и Египет не треба да се дефинираат врз основа на помош“. Со запрената воена помош беше суспендирана испораката и на хеликоптерите „Апачи“ и на воените авиони „Ф-16“.

John Kerry Ankunft Ägypten

Кери е највисокиот функционер во американската администрација кој го посетува Египет по соборувањето од власт на претседателот Мохамед Мурси

Кери е највисокиот функционер од американската администрација кој го посетува Египет по соборувањето на Мурси од претседателската функција во јули годинава. Кери нагласи дека верува оти „партнерството меѓу САД и Египет ќе биде најсилно кога Египет ќе биде претставуван од демократски избрана власт“. За Мурси тој не рече ништо, но го осуди насилството кое изби по неговото соборување.

„Сакам многу, многу, многу јасно да кажам – САД осудуваат секакви акти на насилство кон цркви, кон верниците, во Синај, на улиците во земјата“, потенцираше Кери. Над 1.000 лица загинаа во судирите на безбедносните сили и приврзаниците на Морси, кои протестираат речиси секојдневно против соборувањето на исламистичкиот претседател.

Египетскиот министер за надворешни работи, Набил Фахми, кој минатиот месец изјави дека односите меѓу САД и Египет се во криза, денеска (03.11) рече дека двете страни работат на нормализирање на односите.

Посетата и судскиот процес - коинциденција

Ägypten Prozess Mursi

Поддржувачите на Мурси за утре најавуваат масовни протести

Американски извори велат дека временското поклопување на посетата на Кери на Египет и почетокот на судскиот процес против Мурси, кој треба да започне утре (04.11.2013), е чиста коинциденција. Египет беше првата станица во неговата 9-дневна турнеја на Блискиот Исток и во Европа.

Поддржувачите на Мурси за утре планираат масовни протести низ земјата. Безбедносните мерки што се преземаат за одржување на судењето се толку големи, што се’ уште не се соопштува локацијата на која ќе се одвива судскиот процес. Очекувањата се тој да се случи под силно полициско присуство во полициската академија во Каиро.

Синот на соборениот египетски претседател денеска изјави дека неговото семејство нема да присуствува на судењето. Осама Мурси за агенцијата „Асошиејтед прес“ изјави дека семејството не ја признава легитимноста на судот, бидејќи роднините на Мурси сметаат дека тој е „киднапиран и се држи во заложништво“.