1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Керим предизвика остри реакции во Грција

Неприфатливо однесување кое ќе им нанесе штета на билатералните односи и преговорите за името. Вака во Грција се коментира, тоа што претседавачот со Ген. Собрание на ОН, Керим го употреби уставното име на Македонија.

default

Дора Бакојани

“Господинот Керим со својата постапка, следејќи ги инструкциите од неговата влада, неповратно му нанесе штета на својот мандат, положба и кредибилитет на местото претседател на Генералното собрание на ОН, стои во соопштението на грчкото министерство за надворешни работи. Според нив “неприфатливото” однесување на македонскиот дипломат ја потврдува “провокативната и непоколеблива позиција на властите во Скопје”. За случувањата во Њујорк, грчката министерка за надворешни Дора Бакојани го информираше и премиерот Костас Караманлис. “Скопје призна, дека аргументацијата на Атина е исправна”, изјави денеска Бакојани, јави грчкото радио ”Скај”. Според министерката, Керим, не сакал да се соочи со забелешките дадени од грчка страна. Бакојани не образложи повеќе.

Портпаролот на грчкото МНР, Јоргос Кумуцакос за истото радио изјави.

“Однесувањето на претседателот на Ген. собрание на ОН, Керим покажува дека ФИРОМ се наоѓа во тешка позиција во преговорите за името”, рече Кумуцакос.

"Етнос": Скопје предизвика сериозна криза во грчко - македонските односи

Настанот се коментира и во дел од денешните грчки весници.

“Невидено фијаско се разви во Њујорк зад грбот на грчката министерка за надворешни, Бакојани”, пишува денеска весникот “Етнос”. ”Грчката делегација на чело со министерката се покажа неспособна да реагира и да одговори на добро подготвената провокација од македонска страна која не само што доведе до сериозна криза во грчко македонските односи, но и ги саботира преговорите за решавање на спорот со името”, се вели во текстот на “Етнос”. Грчкиот весникот коментира дека “Бакојани така ја испланирала програмата, за додека трае говорот на Црвенковски во ОН да се упати на аеродром. Сметала дека играта за Грција е загубена уште од почетокот на годинава кога Атина не се спротивстави на кандидатурата на Керим за претседател на собранието на ОН”, вели весникот “Етнос”.

Катимерини: Прашањето за Македонија не е закана за Грција

Конзервативниот Катимерини пак пишува “Голема историска грешка би било доколку Грција дозволи прашањето со името на Македонија да не вовлече во политичка криза”. Весникот го повикува премиерот да донесе брзо решение по ова прашање, и предлага да избере една од двете опции – да стави вето на влезот на Скопје во НАТО и да притисне за компромисно решение, како на пример Република Македонија – Скопје. Или, второ решение според “Катимерини” е Атина да прифати влез на Македонија во НАТО под референцата ФИРОМ , а потоа да се повика на привремената спогодба”. “Како и да е, коментира Катимерини “владата не смее да дозволи прашањето да доминира со грчката политика”, и додава дека ова може да ја направи Грција “заложник на екстремните малцинства”.