1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Кенија - ковачница на тркачки таленти за Олимпијада

Тие не го сакаат Кристијано Роналдо, туку Кипчоге Кеино. Момчињата во кениската висорамнина сонуваат да станат успешни тркачи, познати во светот. И не ретко - успеваат!

Пет часот изутрина, црна темница. Група момчиња облечени во спортска облека се собира пред училиште во кениската висорамнина. Време е за првиот тренинг.

„Трчам еден час, од 5 до 6 часот, секој ден, од понеделник до петок.“

Џонатан Киптум е ученик во училиште за талентирани тркачи во Елдорет. Градот е дом на многу олимписки победници и светски рекордери. Тука доаѓаат амбициозни тркачи од цел свет во надеж дека и тие ќе стигнат до врвни резултати. Инаку, регионот има малку што да понуди. Голем дел од луѓето живеат од земјоделство. И покрај тоа што приносите од пченката се главно добри, фармерите не се богати, вели ополномоштеникот за спорт на Елдорет, Џорџ Обумба. Напротив...

„Секој бара начин да избега од сиромаштија. Економијата е на дното, потрошувачката моќ е мала“, вели тој.

Afika Kenia Iten Runners

Првиот тренинг уште во пет часот изутрина

Но тука се тркачите, кои победуваат на трките со големи парични награди ширум светот и се враќаат со илјадници долари. Тие градат модерни куќи, возат „бесни“ автомобили низ градот. Обумба вели:

„Опкружен си со успешни атлетичари кои водат убав живот. Тие заработуваат многу. Таква околина поттикнува многумина.“

На други места малите момчиња сонуваат да станат фудбалски ѕвезди. Овде тие не го сакаат Кристијано Роналдо, туку Кипчоге Кеино. Тој е основач на училиште за млади тркачи. Во Кенија е легенда. Кипкеино, како што го нарекуваат, во 1960-тите години ги постигна првите светски рекорди на една африканска земја воопшто, на патеки од 3 и од 5 илјади метри. За да им создаде шанса и на други таленти за трчање, тој во Елдорет изгради центар за трчање, училишта и дом за сираци.

Со трчање по неколку километри на настава

Во периодот на дождови, патиштата рано наутро се калливи. Заедно со Џонатан трчаат уште седум други момчиња. Тукушто се разбудиле.

„По 15 минути полека почнувам да се будам“, вели едно момче.

Станувањето рано секогаш е тешко:

„Одвај се извлекувам од кревет, но мора да се трча.“

Flash-Galerie ISTAF - 800 Meter

Сите сакаат на големи натпреварувања (фото: Дејвид Лекута Рудиша)

Сонцето полека изгрева. По извесно време тркачите добиваат ритам. Сега можат да трчаат еден до друг цела вечност. Но почнува наставата. Џонатан и останатите мора да се враќаат. Седумнаесетгодишникот е сирак. Родителите починале кога имал седум години. Имал среќа, зашто го прифатил нивен познаник.

„Ме зеде за да се грижам за неговите крави. По неколку месеци му реков дека сакам повторно да одам на училиште и тој се согласи. Смеев да ги земам парите што ги заработив кај него од чувањето крави и да се пријавам на училиште.“

Приказната на Џонатан звучи исто како и на многумина други тркачи во кениската висорамнина. Училиштето било далеку и Џонатан секој ден трчал многу километри за да стигне на настава. Победувал на трки и бил примен во Кипкеино-училиштето. Во меѓувреме, Џонатан е специјализиран на средни патеки од 800 метри до 1.500 метри. Има намера наскоро да учествува на Олимписки игри:

„Да, да, можеби не овој пат, но можеби во 2016-та.“

Џонатан е само еден од амбициозните таленти во Елдорет. Тој трча за исполнување на својот сон - да стои на пиедесталот на победниците.