1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кенија:Исламистите ја покажуваат својата моќ

Нападот во Најроби е дело на сомалиската исламистичка милиција Ал Шабаб. Благодарение на воената мисија на Африканската унија со значаен удел на Кенија, милицијата блиска до Ал Каеда ги губи своите позиции во Сомалија.

„Ова е тежок момент за нашата земја“, поранешниот премиер на Кенија Раила Одинга го искажа она што многу го мислат. Нападот на исламистичката терористичка група Ал Шабаб врз трговскиот центар во главниот град Најроби е нов тест за Кенија. Во саботата напладне (21.09) напаѓачите се забарикадираа со трговскиот центар земајќи заложници. Овој напад со десетици загинати е еден најкрвавите во редот исламистички атентати кои ја потресуваат земјата во последните 15 години. Во бомбашкиот напад врз американската амбасада во Најроби во 1998 година животот го загубија повеќе од 200 лица.

Сомалиската милиција ја извезува својата борба

Во Сомалија исламистите во последниве месеци претрпеа повеќе порази. Од септември 2012 година земјата повторно има демократски избран претседател (Хасан Шеик Махмуд)- зрак на надеж по две децении целосен распад на државата. Покрај тоа воената мисија на африканските држави успеа да ги протера припадниците на Ал Шабаб од стратегиски важните градови Могадишу и Кисмајо. Од октомври 2011 година во рамките на оваа мисија учествуваат и 4600 кениски војници. Од тогаш наваму во земјата имаше десетици помали напади. Сега меѓутоа заканата доби нова димензија.

African Union Mission in Somalia

Припадник на мисијата на Африканската унија во Сомалија

И покрај тоа што мисијата на Африканската унија во Сомалија (АМИСОМ) можеше да оствари успеси, нејзината војна против тероризмот ни оддалеку не е завршена, сметаат експертите. „ Исламистите претрпеа пораз само во градовите“, вели Емануел Кисиангани од Институтот за безбедносни студии во Најроби. „Во јужна Сомалија тие и натаму имаат окупирано големи области, и сѐ уште се во состојба да предизвикуваат вакви штети“, вели Кисиангани кој смета дека јасен сигнал за тоа е фактот што Ал Шабаб сега толку отворено ја презема одговорноста за нападот во Кенија.

Предоцна за повлекување

За Кисиангани е јасно: Ал Шабаб сака со нападот да покаже дека сѐ уште треба да се смета на неа. За тоа сведочи и целта на нападот- трговски центар во богатиот западен дел на Најроби, кој е посетуван од туристи и соработници на меѓународните организации. Значи место кое гарантира меѓународно внимание. Веќе со месеци е познато дека трговскиот центар Вестгејт бил можна цел на напад на терористичкото движење, па сепак на напаѓачите им успеа изненадувачкиот ефект. Тие многу добро го одбраа времето за напад, вели еден соработник на германска фондација во Најроби: целото внимание на земјата во моментов е завртено кон процесот против потпретседателот на Кенија Вилијам Руто во Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг.

Soldaten der Al-Shabab-Miliz vor Mogadischu

Припадници на Ал Шабаб

Тој е обвинет за злосторства против човештвото извршени за време на безредијата по претседателските избори во Кенија во 2007 година. По нападот во саботата судот му даде на Руто време од една недела за справување со кризата.

Безбедносниот експерт Кисиангани смета дека е погрешно да се верува оти Кенија ќе ги исполни брањата на џихадистите да ги повлече нејзините трупи од Сомалија. Конечно Кенија се одлучи за тој ангажман токму поради исламистичките напади. Заканата и натаму реална. Уште една причина наведува и Гидо Штернерг од фондацијата Наука и политика од Берлин: за повлекување на трупите сега е едноставно предоцна. „Дури и ако Кенијците се повлечат, Ал Шабаб од Кенија сега конечно си создаде важен непријател“ , изјави германскиот експерт за тероризам за ДВ. Покрај тоа Кенијците сега се потребни за да ја стабилизираат Сомалија.