1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Келн - мост меѓу Германија и Турција

Доселениците од Турција се добредојдени во Келн, благодарение на менталитетот на граѓаните, кои се отворени и толерантни, вели градоначалникот Фриц Шрама во разговор со Баха Гингер од Турската редакција на Дојче Веле.

default

Келн е град со отворена душа

Која е тајната на добриот соживот на Германците и граѓаните со странско, посебно со турско потекло во Келн? Градоначалникот на Келн, Фриц Шрама, кој лично се залагаше и за изградбата на голема џамија во Келн, против која имаше и многу протести, објаснува:

„Градот носи силен печат на населението од турско потекло. Околу 80 илјади жители во Келн имаат турски корени, дел од нив се тука веќе трета генерација, би рекол, турски Келњани. Но, нивните родители или роднини доаѓаат од земја со друга култура, јазик и религија. Во нашиот град добиваат образование, работа, а од друга страна сакаат да ја практикуваат и својата култура и религија, и тоа во достојна зграда. На местото каде е сега изградена новата џемија,во квартот Еренфелд, веќе 22 или 23 години постоеше стара џамија и Културен центар на ДИТИБ, турско исламскиот сојуз. Јас се запознав со луѓето во него и бев убеден дека треба да ги подржам за да се изгради нов, репрезентативен објект, кој ќе значи за нив- „да, ние сме примени во Келн“, а истовремено: „да, ние сакаме да останеме тука“, а тоа е веќе првиот чекор кон интеграција. Јас сум убеден дека оваа џамија и културен центар ќе овозможат подобра интеграција.“

Schramma Interview 2

Фриц Шрама и Баха Гингер

Зошто е Келн привлечен за Турците?

Што е тоа што ги привлекува Турците, кои велат дека се среќни во Келн и не би се отселиле нна друго место, дали е тоа начинот на живот, слободата и толеранцијата во градот? Градоначалникот Шрама е сигурен:

„Самиот тоа тешко можам да го проценам, , зашто не сум Турчин. Но, претпоставка е дека турските граѓани ги привлекува менталитетот, отвореноста кон светот, толерантноста на Келњаните, карактеристична за населението по текот на Рајна, кое нема склоност кон дискриминација, туку граѓаните се пристапни, подготвени многу брзо со некого да преминат на „ти“. Сеедно дали зборуваме за познатите келнски кафулиња, каде брзо може да се стапи во разговор, за работното место, каде се работи заедно, било во биро или во фабрика, на пазарите, во продавниците, во станбените згради. Ние заедно живееме, работиме, спортуваме, а спортот е исто така многу важен фактор на интеграција. Во ист тим , со заеднички цели, се создава сојузништво, поврзаност. Треба само да ги јакнеме овие елементи. Турската заедница во Келн, ако можам така да кажам, се чувствува добро овде зашто не наидува на отпорите , кои се силни во некои источногермански градови. Латентното непријателство во одредени области таму не е насочено само против Турците, туку против сите странци, постојат групирања на младите, за што јас лично жалам и се борам со политички средства. Како што знаете, јас бев предводник на противдемонстрациите во Келн, организирани неодамна како протест кон самитот на десните радикали, со кој тие настапуваа против наводната исламизација на Келн и на Европа. Тогаш целиот град се мобилизираше против десните радикали под мотото: Келн се спротиставува.“

Zentralmoschee in Köln Ehrenfeld

Макета на џамијата во Келн

Постојани врски и пријателство со Турција

Каков е пак придонесот на Келн во турско - германските односи, кои не се важни само за Германија и Турција, туку и за мирот во Европа, за дијалогот? Келнскиот градоначалник Фриц Шрама објаснува:

„Постојат различни мостови кои водат од Келн до Турција, особено до градот Истанбул, со кого не‘ поврзува партнерство повеќе од 10 години. Во меѓувреме постојат повеќе пријателски врски, на пример, нашиот фудбалски тренер Кристоф Даум долго работеше во Истанбул, тој е пријател на Турција исто како и јас. Германија и Турција се важни стопански партнери. Нашата Стопанска и индустриска комора за тежиште ги има врските со Турција. Постојат цела редица паралели, Истанбул порано бил христијански град, Константинопол, патот на тројцата кралеви кон Келн водел преку него. Постојат низа културни мостови, а Европа во Истанбул силно се чувствува. И нашите сограѓани од турско потекло се мостови, тие имаат своја задача, особено во областа на школувањето, но таму постојат и низа пропусти. Јас соработувам со турскиот генерален конзул овде, апелираме до семејствата, до младите луѓе: користете ги понудите, одете во училиште, учете германски, учете и турски, но ве молам по овој редослед, прво германски, па турски. За тоа разговарав и со турскиот премиер Ердоган, кога при посетата во Келн бараше отворање турски училишта. Не, јас имам поинакво мислење, младите од турско потекло треба да одат во германски училишта, со понуда на турски јазик како факултативен,“ категоричен е келнскиот градоначалник Фриц Шрама.