1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Келер го пронајде вистинскиот тон за комуникација со Кина

Германскиот претседател Хорст Келер денеска ја заврши четиридневната посета на Кина. Извлече позитивен биланс од средбите. Со политичарите во Шангај и Пекинг разговараше за климата и заштитата на животната средина, но не ја заобиколи ниту проблематичната тема – прекршување на човековите права во Кина. Моника Дитрих коментира.

Келер и Џингтао

Келер и Џингтао

Кога германските политичари патуваат во Кина, тогаш нивната посета во прв ред се мери според тоа колку се подготвени гласно да ги критикуваат домаќините за повредите на човековите права во земјата. Тоа е сосема разбирливо, бидејќи човековите права во Кина се вистински прегазени, нема независно судство, и оној којшто не ја следи слепо комунистичката партија мора да смета на шиканирање, апсења, испраќање во работни логори и уште полоши работи. Затоа е исправно од кинеската влада да се бара да ги почитува човековите права и да се обиде да се влијае Пекинг да го промени начинот на размислување. Но, прашање е колку јавните обвинувања имаат и некакво влијание или пак политичарите со тоа повеќе сакат да си ја подобрат сликата кај домашната јавност.

Германскиот претседател Келер настапи поинаку. Одбра внимателна стратегија, но спортната тема не ја стави под тепих. Тој јасно ги осуди кршењата на човековите права. Но, тој не настапи како оние кои знаат се и кој им дава разумни совети на Кинезите. Настапи како човек кој потпирајќи се на аргументи од германската историја, објасни дека токму гарантирањето на човековите права и неповредливоста на луѓето ја довеле германската република до успех. Бидејќи земја во која граѓаните имаат доверба, е силна и влијателна држава.

Поради способноста добро да слуша, Келер очигледно успеа од кинескиот претседател да изнуди попријателска реакција од порано кога станува збор за грешките и проблемите со човековите права. Човек не треба да има илузии, дека со ова Хорст Келер ќе ги промени Кинезите. Но, си го задржа влијанието и улогата како угледен соговорник. Тоа не е само добра претпоставка за понатамошен дијалог околу човековите права. Тоа е важно и за темите кои му лежат на срце на Келер – заштитата на климата и на животната средина.

Всушност тоа беше и главната мисија на неговото патување: да ги убеди Кинезите дека не мора да ги повторат сите грешки кои ги направиле индустриски развиените земји во нивниот стремеж за поголем економски раст. Келер стана вистински заговорник на заштитата на климата и е убеден дека растот е можен и без планета и понатаму да се уништува.

Келер добро сфати дека предизвиците од промената на климата и загадувањето на животната средина, се толку големи што ниту една земја повеќе не може сама да се справи со нив. Добро е и што се обиде да пронајде партнери, кои би помогнале да се иззедначат засега поларизираниот економски раст и зачувувањето на природата.