1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Келер: гарантирани минимални плати и учество на работниците во добивките

Германскиот сојузен претседател се вклучи во дебатата за идната социјална политика во земјата. Реакциите се претежно позитивни

Сојузниот претседател Хорст Келер

Сојузниот претседател Хорст Келер

Хорст Келер во интервју за денешното издание на магазинот „Штерн“ вели дека дошло „време повторно да се разговара за учество на работниците во поделбата на добивката и на капиталот на претпријатието. Така во време на глобализација може да му се застане на патот на растечкиот јаз меѓу сиромашните и богатите“. Работодавците и работниците мораат да сфатат дека „со оглед на светската конкуренција, споделуваат заедничка судбина“.

Келер пледира и да се поразмисли за воведување на гарантирани минимални примања и го наведува примерот од САД, каде тој што не заработува ништо, добива минимално обезбедување од страна на државата. „Ние осознаваме дека може да има еден вид базична невработеност од 4 до 5 проценти, што ја сочинуваат оние со минимални квалификации или неквалификуваните...тие луѓе не смееме да ги оставиме на цедило“ – вели претседателот во интервјуто за „Штерн“.

Тој не се искажува за висината на тие минимални примања и вели дека е свесен за ризиците што ги крие таквата идеја, „од прикриена злоупотреба, до придружна работа на црно“. Но, според претседателот, нужно е напуштање на старите гледишта и јасно да се покаже: „Ниеден граѓанин не го губи правото да биде дел од општеството“.

Келер се залага и за таканаречени комбинирани плати, за да се создаде сектор на нископлатени работи помеѓу гарантираната минимална и платите утврдени со тарифните договори. Би морало да се најде работа и за речиси три милиони невработени без професионална квалификација, смета тој. „Од пазарно условената ниска плата тие не можат да живеат, значи мора да им се обезбеди и додаток, што е задача на државата“ – образложува сојузниот претседател.

Предлозите на сојузниот претседател наидоа на согласност како кај партиите на владината коалиција, исто така и кај опозиционите. „Во рамките на коалиционите разговори на почетокот на годината заеднички ќе мораме да размислиме како големата коалиција да создаде можности за учество на работниците во капиталот на нивното претпријатие. Унијата во секој случај го смета тој чекор за насочувачки и вистински“ – вели Роналд Пофала, генерален секретар на ЦДУ.

Претставници на работодавците исто така сметаат дека учеството на работниците во добивката е вистински пат, но во зависност од условите на секое поединечно претпријатие. Синдикатите се поделени. Меѓу противниците е синдикатот на металците ИГ Метал:

работниците немаат влијание врз потезите на претпријатието, но ги трпат последиците од погрешен развој - често пати и со губење на работните места. Сега дополнително уште би губеле и дел од својата плата – смета Јиррген Петерс, претседател на синдикатот ИГ Метал.