1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Келер во посета на Израел: потсетување на минатото, но и поглед кон иднината

Германскиот сојузен претседател Хорст Келер денеска патува во посета на Израел. Повод е одбележувањето на 40-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Предвидено е Келер да говори во Кнесетот – израелскиот парламент, што спроти посетата предизвика и бранувања кај дел од пратениците. Германско-израелските односи се многу добри, но никогаш “нормални”, туку секогаш “особени”.

Германскиот претседател Келер за време на посетата на концентрациониот логор Аушвиц

Германскиот претседател Келер за време на посетата на концентрациониот логор Аушвиц

Германскиот сојузен претседател Хорст Келер денеска патува во посета на Израел. Повод е одбележувањето на 40-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Предвидено е Келер да говори во Кнесетот – израелскиот парламент, што спроти посетата предизвика и бранувања кај дел од пратениците. Германско-израелските односи се многу добри, но никогаш “нормални”, туку секогаш “особени”.

Хорст Келер сака за време на 4-дневната посета на Израел да потсети на минатото, но и да погледа кон иднината, кон наредните 40 години на германско-израелски односи, велат од кабинетот на сојузниот претседател. Неговата посета на концентрациониот логор Аушвиц минатата недела веќе била “важен крајпатен камен-меѓник на патот кон Ерусалим”. И во Израел претседателот ќе потсети на злосторствата на нацистите и на посебната морална одговорност на Германија за Евреите и за државата Израел.

Келер се радува што посетата доаѓа сега, во “време на надеж”. Израелците и Палестинците, навистина, мораат сами да склучат мировен договор, но Германија ќе ги поддржи во тоа – сама, во рамкте на ЕУ и заеднички со САД.

Германско-израелските односи во почетокот, пред 40 години, беа тешки, со време стануваа се’ подобри, но никогаш не станаа сосем “нормални”, зашто тие секогаш се “особени”. Само така и може да се објасни дискусијата во Израел спроти посетата: дали Келер, при утрешниот настап во Кнесетот, треба да зборува на германски, на јазикот на сторителите на злосторството, како што забележуваа критичарите. Келер ќе зборува на својот јазик, така смета и претседателот на Кнесетот Ројвен Ривлин, кој ги отфрли барањата говорот да биде на англиски. Ако поедини пратеници од протест на присуствуваат, Келер, како што е речено во Берлин, “тоа ќе го прими на знаење со респект спрема нивните чувства”. На историскиот говор на Јоханес Рау пред 5 години во Кнесетот, одржан исто така на германски, отсутни беа една третина од пратениците, но многумина од нив уште за време на говорот се вратија во салата.

Келер во говорот нема да ги премолчи ни актуелните проблеми со Национал-демократската партија на Германија и неонацистите. Пораката треба да биде: секое отворено општество има свои непријатели, но во Германија се разви една втемелена демократска култура.

Израелскиот амбасадор во Германија Симон Штајн во изјава за германската телевизија ЦДФ за одните меѓу двете земји рече: “40-те години германско-израелски односи можам да ги резимирам како многу добри. Во изминатите 40 години тие енормно се развија. Ако се потсетиме каде бевме на почетокот и каде сме денес, како на официјално ниво, исто така и на ниво на односи меѓу двата народа, сметам дека со голема доверба можеме да гледаме и во иднината”.

Келер денеска прво ќе положи венец на гробот на убиениот израелски премиер Јицак Рабин, а потоа ќе го посети и Јад Вашем, израелскиот меморијален центар за милионите Евреи убиени од нацистите. Во текот на денов се предвидени разговори со премиерот Ариел Шарон и со претседателот Моше Кацав, кој во мај треба да дојде во возвратна посета на Берлин. По утрешниот говор во Кнесетот, Келер ќе се сретне со преживеани од холокаустот. На патувањето сојузниот претседател го придружуваат и четворица млади, зашто една од целите на посетата е да се поттикне соработката на младите од двете земји. Келер сака да го препорача Израел повторно како цел за туристички патувања, но и како партнер за стопанството и науката.