1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кекеши: Преговорите со Македонија да почнат без да се чека решение за името

Унгарскиот амбасадор во Македонија, Ференц Кекеши, во интервју за агенцијата МИА оценува дека е поттикната европската перспектива на Македонија. Според него, балкански земји бележат напредок на патот кон ЕУ.

default

Унгарија смета дека Македонија има иднина во Европа и е дел од европското семејство. Во интерес на сите е спорот за името да се реши побрзо, што ќе овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ, истакнува унгарскиот амбасадор во Скопје, Ференц Кекеши, во интервју за новинската агенција МИА.

Македонскиот случај, вели, привлече значително внимание и беше одржуван високо во европската политичка агенда за време на шестмесечното унгарско претседателство со ЕУ, што завршува на крајот на месецов. „Но, имајќи предвид дека немаше прогрес за името, Европскиот совет не беше во позиција да го стави ова прашање на агендата“, изјави Кекеши.

Унгарија, посочува амбасадорот, застапува иста позиција како австрискиот претседател Хајнц Фишер, дека преговорите со Македонија треба да почнат без да се чека решение за името, а двата процеса можат да течат паралелно. „Премиерот Виктор Орбан кажа дека ЕУ треба да се издигне над дебата за името, на која може да се наврати на крајот на пристапните преговори, и тоа и да не биде предуслов за почеток на преговорите“, вели Кекеши.

Banner EU Beitritt Flagge Ungarn

Унгарија, истакнува Кекеши, не штедеше напори и за продолжување на процесот на проширување на ЕУ, а особено за евроинтеграција на земјите од Западен Балкан. На Балканот за време на унагарското претседателство, според него, е обновена евроинтеграциската енергија. Хрватска ги заклучи преговорите со што се дава поттик за напорите и на другите балкански земји. Србија, исто така, направи голем напредок, ја разбра пораката и не штедеше енергија за да реагира. Уште еден доказ за обновената евроинтеграциска енергија во регионот, посочува, е Црна Гора која стана кандидат и чека датум за почеток на преговорите, можеби до крајот на годинава.

Автор: АТ/ миа

Редактор: Симе Недевски