1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Квази-избори во Мјанмар

По цели 20 години воената хунта на Мјанмар, поранешна Бурма, за в недела (07.11.) свика парламентарни избори. Изборниот закон им дава големи предности на партиите на приврзениците на воената хунта.

default

Економијата во Мјанмар е во многу лоша состојба. Најголемиот дел од населението живее во голема сиромаштија, а нема ни функционален здравствен и образовен систем. Згора на тоа воената хунта ги крши основните човекови права. Така во јануари 2007 година таа во крв ги задуши мирните протести на будистичките монаси.

Воениот режим има се’ потенка подлога што се однесува до демократската легитимација за владеење, оценува Хенинг Ефнер, раководител на бирото за Мјанмар на германската фондација „Фридрих Еберт“. „Воената хунта владее веќе 20 години и изборите ги гледа како можност да стекне демократска фасада и со тоа да стане поотпорна на критиката што доаѓа од странство.“

„Дисциплинирана демократија“

Myanmar, Birma, die Mönche protestieren weiter

Будистички монаси протестираат против режимот во 2007 година

Режимот во Мјанмар тврди дека изборите се чекор од владеењето на хунтата кон т.н. „дисциплинирана демократија“. Реалноста меѓутоа нема многу допирни точки со каква и да е демократија: „Ако се погледне развојот на настаните во изминатите недели и месеци, мора да заклучиме дека досегашниот тек на изборниот процес не ги задоволува демократските стандарди. Целиот процес, од регистрирањето на политичките партии, преку номинирањето на кандидатите, па до изборната битка - сето тоа подлежеше на строга контрола на воената хунта“, појаснува Хенинг Ефнер.

Неправедни изборни закони

Изборниот закон, на пример, пропишува дека на изборите не смее да учествува никој, кој бил осуден на затворска казна. Со тоа се исклучуваат автоматски лидерот на опозицијата, Нобеловката Аунг Сан Су Ќи, која со децении седи во куќен притвор, и уште околу 2.000 политички затвореници. Во знак на протест против ваквиот закон, опозициската „Национална лига за демократија“ се реши да ги бојкотира изборите, по што таа беше насилно расформирана.

Aung San Suu Kyi

Со децении во куќен притвор: Нобеловката Аунг Сан Су Ќи

Другите помали партии од опозицискиот табор имаат намера да излезат на изборите, но и ним не им е лесно, бидејќи законот предвидува да платат по 500 долари за секој кандидат. Тоа е повеќе од просечната годишна плата во Мјанмар.

„Кога ќе се пресмета тоа значи дека некоја партија која сака да постави кандидати за сите пратенички места треба да плати околу 600.000 долари. Таквите финансиски предуслови не можеше да ги надмине ниту една партија на опозицијата.“ Затоа тие поставија кандидати само во дел од изборните кругови.

Ограничено право на собирање

Myanmar Militär Zeremonie in Naypyitaw

Генерал Тан Шве на воена парада во 2008 година

Освен тоа на опозицијата и’ беа наметнати многу строги услови за собирање и држење митинзи, што не важеше за партиите на владеачката хунта. Најважните меѓу нив се „Унијата за солидарност и развој“, како и „Партијата на националното единство“, кои во нивните редови имаат членови на воената хунта. Овие партии имаат сосема поинаков третман, појаснува Јасмин Лорх од независната Фондација наука и политика од Берлин: „Наспроти партиите на опозицијата, оние кои му се верни на режимот немаат никакви ограничувања на правото за собирање, тие можат исто така да се потпрат на пропагандниот апарат на хунтата, како и на финансиските извори на државниот апарат.“

Конечно, воената хунта со закон резервираше една четвртина од сите места во парламентот за војската, со што автоматски го има мнозинството гласови за блокирање на уставни промени.

Автор: Ана Леман/Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев