1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кај и да си, за Василица во Охрид да си

Охрид пред два века бил град на процутот и преродбата. И денес се прераскажуваат прославите на Божиќ и Василица со специфична храна, вино и песна. Новинарот Владо Жура раскажува за тие обичаи

default

Владо Жура, новинар, со љубов го истражува минатото на Охрид, најомилен лик му е Григор Прличев. Жура жали за староградските обичаи кои изумираат:

„Цел живот се занимавав со новинарство. Релативно млад отидов во пензија. И некако најмногу ме интересираше деветнаесеттото столетие. Грандиозните градски градби, специфичните старозамански песни и начинот на кој тие биле изведувани на специјални жичани инструменти. Тие не се карактеристични за другите делови на Охрид, ниту за Македонија. Еден ут, една лаута, три ќеманина, виолини и како удиралки дајрето. Жал ми е што во напливот на новокомпонирани верници што токму тие обичаи староградски, охридски, варошки како да исчезнуваат од ден во ден“.

Vlado Zura Journalist aus Ohrid

Новинарот Владо Жура го истражува минатото на Охрид

Најголем празник Божик, па Василица

За стариот Охрид – месноста Варош најголем празник бил Божик. Охриѓани по постот знаеле да се омрсат, да наздрават со црвено вино од сопствените лозја и да запеат: Но почнувале со посни питулици:

“Се правеле од брашно и вода. Се потпекувале и така сушени се кршеле и се правел посебен амур од толчени ореви со лук и могу вода. Питулиците се макале во амурот и така се ределе во тава и потоа под сач или фурна да се потпечат. Тоа било специфичното јадење ноќта спроти Бадник .Од кашата од која се правеле питулиците се правеле крстови на куќниот праг, оџакот, на ношвите, на бочките со вино на амбарите за да бидат заштитени“.

Охридската трпеза не можела без риба

Трпезата не можела барем во Охрид да се замисли без риба, сарма, посно гравче, ама на Божик се било побогато. Домаќините рано оделе во црква и се причестувале:

„Како Божиќен ручек бил чомлекот. Чомлекот е охридски специјалитет и се подготвувал од навечер. Килограм свинска удина сечена на мали парчиња и околу два килограми кромид и чешниња лук, вино и лорбер и така со вода херметички затворен во сад со тесто се ставал на шпоретот да крчка до другиот ден за ручек“, објаснува Жура.

Со векови наназад верскиот празник Василица се сметал за ден по кој доаѓа Нова година:

„Од навечер се палеле огнови во Варош. Тогаш не се пости, Исус е роден и се печеле колбаси на жар и месо. Од рани зори деца во групи оделе од куќа на куќа со стапчиња, изрежани со шарени орнаменти наречени василичарки“.

Typische Ohrid-Bauart - ein altes Haus in Ohrid

Стара охридска куќа

Староградските песни ги пееле исклучиво мажите

Во секоја празнична пригода се пееле староградски песни,. Жура ни открива многу непознати детали од некогашен Охрид:

„Охридската староградска песна ја пееле мажи , а жени не учествувале во пеењето. Улогата на жената била во свечен фустан од тешка коприна и еден вид налани да игра женско ситно оро – чамче. Тоа давало посебен такт на калдрмата. Инаку во недостиг на медиуми во половината на деветнаесеттиот век главните настани што се случувале во градот ги опевале трубадурите. Потоа тие ги давале песните да ги пеат чалгаџиските тајфи. Тогаш се настанати најубавите охридски песни инспирирани од не толку среќните судбини на една Антица, Зарина“.

Столб на куќата била жената, а мажите тргувале по светот

Typische Ohrid-Bauart - ein altes Haus in Ohrid

Внатрешноста на стара охридска куќа

Секоја песна своја историја, но вистина за општествениот миг и процутот на Охрид во тоа време, заклучува Жура:

„Во тоа време столб на куќата не бил мажот. Во сите охридски песни се спомнува на душа ми те зедоа мајка ти, та и тетка ти. Столб на куќата била жената. Највозрасната, таа се викала кира мана – госпоѓа мајка. Мажот бил само за да стопанисува . Да патува и тргува со Лајпциг, Цариград, Одеса или Солун и да носи пари и да го издржува семејството. Во ниту една охридска песна нема да слушнете да се споменува таткото“.

Охрид веќе го нема мирисот од тоа време. Само песните, архитектурата и калдрмата во Варош потсетуваат на преродбата . Забележлива е носталгијата кај возрасните, а младите трагаат по стари жолти фотографии од преубавиот Охрид.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Борис Георгиевски