1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кацин: Македонија мора пред се’ да одговори на внатрешните дилеми

Словенечкиот европратеник Јелко Кацин е убеден дека усвојувањето на предлог резолуцијата за Политиката и критериумите за проширување и стратегиските интереси на ЕУ, ќе се одрази позитивно на земјите од Западен Балкан.

„Мислам дека ова е пред се’ конструктивен пристап, кој овозможува многу работи. Не само поради овој извештај овде, туку и поради некои активности и начини како тоа се изведува во Србија. Сега можеме да се надеваме дека Србија ќе стане мотор и ќе престане да глуми кочница за целиот Западен Балкан. Тоа сигурно дека ќе може да ги подигне амбициите во другите држави на регионот и тоа би го поврзало целиот регион во меѓусебна соработка, кој исто така е најдобриот аргумент дека ЕУ треба да се проширува“, оценува словенечкиот европратеник Јелко Кацин за Дојче веле.

Jelko Kacin

ЕУ пратеникот Јелко Кацин

Словенечкиот либерал смета дека е многу важно што Комисијата сега има право да ги отвора најтешките поглавја 23 и 24, што ќе дозволи брз напредок за земјите од регионот.

„Она што според мене е посебно важно е дека кога ќе започнат преговорите, Европската комисија има право да отвора многу конкретни прашања и случаи. Мислам дека тоа е најдобар пат уште на самиот почеток, кога се отвораат најтешките поглавја, 23 и 24 со кои се опфатени правната држава, правото на малцинствата и слободата на медиумите, да се воспостави некое сосема различно општествено расположение и очекување со што може брзо да се напредува во сите други поглавја. Тоа според мене е исклучително важно, посебно за државите од Западен Балкан, бидејќи тоа ќе им овозможи брз напредок, додека на јавноста ќе и дозволи да има многу разбирлив пристап на Европската комисија во корист на земјите кандидати кои преговараат и во корист на проширувањето на Европската унија.“

Што се однесува до случајот со Македонија, таа според Кацин мора да одговори на внатрешните дилеми.

„Македонија е дел од регионот и Македонија мора пред се’ да одговори на внатрешните дилеми. Ова што се случува сега, во овие денови, секако не е порака од Македонија, која би ја охрабрило Европската унија, а уште помалку Европската комисија, која е надлежна да укажува на проблемите, кои ги имаат поедини држави. Јас би се послужил овде со зборовите на комесарот Штефан Филе, што ги има кажано неодамна во врска со Србија, но тоа важи исто така за Македонија: ’Нема да барам дозвола, да го критикувам она, што земјата ја оддалечува во други правци од евроинтеграцијата’“.

Europäisches Parlament in Straßburg pixel

Европски парламент

Во прелог резолуцијата нема посебни делови посветени на земјите кандидати, во случајов Македонија, единствено е поздравена иницијативата на Европската комисија за пристапниот дијалог на високо ниво со Македонија, со кој се создава „свежа динамика во реформскиот процес“ при што се нагласува дека тие иницијативи на никој начин не смеат да ги заменат формалните преговарачки процедури.

При гласањето на резолуцијата не помина амандманот британскиот европарламентарец Ендрју Даф, кој е од истата политичка група на Кацин - Алијансата на либералите и демократи, во кој тој бараше да се замени референцата „поранешна југословенска република Македонија“ со „Македонска држава“, за ова словенечкиот европратеник и известувач за Србија вели: „Во оваа фаза не би зборувал директно за амандманите, бидејќи извештајот треба да се усвои на пленарната сесија и до тогаш се’ уште има прилики и можности работите да се поправат“.

Конечната верзија од резолуцијата предложена од грчката европратеничка Мариа Елени Копа (социјалисти демократи), се очекува да биде усвоена на една од наредните пленарни сесии на ЕП, кога се можни нејзини дополнување и нови амандмански измени.

Поврзана содржина