1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Катрин Денев се интересира за македонската историја

Катрин Денев, добитничка на специјалната награда златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, во рамките на престојот на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, во Битола одржа прес-конференција.

Катрин Денев пред акредитираните новинари, гости и претставници на академската јавност од светот на филмот, говореше за својата кариера, за својот живот и пороци, како што е пушењето цигари... Скромна и елегантна, Кетрин Денев посочи дека се чувствува пријатно во Битола и дека доаѓањето во Македонија за никого не треба да претставува изненадување.

„Сакам да истражувам и да проучувам. Ме интересира минатото за секоја држава, нејзината култура и вредности. Никој не треба да биде изненаден што сум тука во Македонија, бидејќи јас сакам да престојувам насекаде, па дури и во Индија, Кина и затоа немојте да бидете изненадени што сега сум во Македонија“, истакна Денев.

Почетоците на богатата кариера на Катрин Денев датираат од 1960. година и од тогаш до сега играла во повеќе од 100 филмови, и меѓу другото соработувала со голем број кинематографи за кои смета дека се важен сегмент во производството на еден филм.

На денешната (16.09) средба со новинарите во Битола светски познатата актерка Катрин Денев издвои детали од својот приватен живот, семејството како и нејзиното учество во јавниот живот, особено периодот кога од 1994 до 2003 година била амбасадор на УНЕСКО за зачувување на филмското наследство и кога во знак на протест од, како што рече, политички причини, дала отказ од таа функција.

„На младите актери им препорачувам освен со актерство во слободно време да се занимаваат и со читање книги, пишување песни или пеење и така ќе имаат повеќе енергија“, заврши Катрин Денев на прес-конференцијата во големата сала на НУ Центар за култура-Битола, каде во нејзина чест беше приредена специјална проекција на филмот „Последното метро“ во режија на Франсоа Трифо.