1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Катимерини“: Атина го заостри ставот за името на Македонија

Грција го заостри својот став за опсегот на употреба на компромисното сложено име за Скопје, пишува денеска провладиниот весник „Катимерини“ во анализа насловена „Атина го заостри ставот за името на ПЈРМ“.

Весникот додава дека двете страни се сложуваат за географска одредница, но имаат различни ставови за тоа каде таа треба да стои.

„Во ваква атмосфера, медијаторот Метју Нимиц го продолжува своето посредување, во чии рамки минатата недела се сретна со претставниците на двете страни. Новата рунда преговори беше со цел да се одржи чувството на динамика, но не и да се даде нов предлог за името“, коментира „Катимерини“.

Весникот потсетува дека Нимиц, кој во септември ги посети Атина и Скопје, не го крие своето разочарување од немањето напредок, но и оти прати порака за неговата одлучност да продолжи да бара заемно прифатливо решение. Атина го одби последниот предлог за името „Горна Република Македонија“ со аргумент дека географската одредница не може да биде пред „Република“, затоа што тоа се однесува на државното уредување, а не на земјата. Според „Катимерини“, овој аргумент има поддршка во Обединетите нации и во меѓународната заедница.

„Во овој контекст, се проценува дека, во крајна линија, конечното име ќе биде ’Република Горна (или Северна) Македонија", заклучува весникот потсетувајќи дека Нимиц директно кажа оти неговиот предлог го содржи терминот Македонија, затоа што земјата е во регионот Македонија.

„Македонија е голема територија поделена пред 100 години. Дел од Македонија се наоѓа во Грција. Поради тоа, мора да има одредница за да се разјасни дека има разлика“, ја повторува „Катимерини“, изјавата на Нимиц. Провладиниот весник и овој пат наоѓа начин како да ја обвини македонската страна, па така пишува дека „во приватни разговори со ’Катимерини’, одговорни западни дипломати како главна пречка ја наведуваат арогантноста на Груевски кој вели дека додека е на власт, нема да има решение кое ќе ја негира нацијата и јазикот на Македонците“.

„Друго трнливо прашање е опсегот на употреба. Атина инсистира на тоа името што ќе се договори да се применува секаде: и меѓународно и внатрешно, став со кој ПЈРМ не се согласува. Во ОН истакнуваат дека заострувањето на грчкиот став и упорноста на Самарас за целосно имплементирање на ерга омнес не помагаат во напорите за посредување, иако признаваат дека во овој момент грчката позиција се базира на логиката и практичноста на секое решение“, наведува весникот. „Катимерини“ на крајот пишува дека ова прашање не е меѓу приоритетите на САД и европските земји. „Во неодамнешниот извештај Европската комисија предлага да се почнат преговори за членство, но забележува дека треба да се реши прашањето за името, а ќе има и нова мобилност во пресрет на самитот на НАТО во 2014 година во Велика Британија“, пишува грчкиот провладин весник.