1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Катастрофален старт на „Обамакер“

Престижниот проект на американскиот претседател Барак Обама, здравственото осигурување за сите Американци - „Обамакер“, тоне во хаос и дезинтерес.

Првите податоци се горчливо разочарување за Белата куќа - само 106.000 луѓе склучиле здравствено осигурување во првиот месец од „Обамакер“. Притоа, дури 47 милиони Американци немаат здравствено осигурување. Тоа требаше да се промени со најважниот закон на Обама во социјалната сфера, но првичните резултати се поразителни. Владата на Обама се надеваше дека до крајот на рокот, во март наредната година, околу седум милиони луѓе ќе склучат здравствено осигурување.

Министерката за здравство Кетлин Себелиус вели: „Може да очекуваме супстанцијално зголемување на бројките во наредните пет месеци.“ Интернет страницата healthcare.gov, која постојано има проблеми во функционирањето, според министерката станува „секој ден се‘ подобра“. Себелиус при стартот на порталот тврдеше дека здравственото осигурување ќе стане толку едноставно како купување пар чевли. Но веќе првиот ден страницата повеќе пати не можеше да се отвори поради големиот интерес. Техничките проблеми се присутни до денес. Белата куќа ветува дека интернет системот ќе функционира без проблеми од крајот на ноември.

Републиканците во дадената ситуација гледаат потврда за својата критика на сметка на здравствената реформа на Обама. Тие до последен момент, во огорчениот судир околу буџетот, се обидуваа да спречат старт на „Обамакер“. Опозицијата ја загуби битката, но првиот човек на републиканците во Претставничкиот дом, Џон Бенер, оценува дека сега уште повеќе станува јасно оти „Обамакер“ е „катастрофа“ и треба да се фрли „во канта за отпадоци“.