1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Каталонија: Адиос Шпанијо! Адиос ЕУ?

Ако Каталонците на 1. октомври на референдумот гласаат против Шпанија, тоа ќе значи напуштање и на ЕУ, велат во Брисел. Каква врска притоа имаат Германската Демократска Република и Гренланд?

Во ЕУ од 2004. година е во важност т. н. Барозо-доктрина, именувана според тогашниот претседател на Европската комисија. Според неа, нова држава, произлезена од земја-членка на ЕУ, која прогласила независност, веќе не е дел од ЕУ, а уште помалку е автоматски нова членка. Со оваа формулација Жозе Мануел Барозо сакаше да им го одземе ветрот од едрата на движењата за независност во белгиска Фландрија, во Баскија во Франција и Шпанија, во Северна Ирска, во северна Италија и во Каталонија. Во 2014. година Барозо го повтори своето толкување на правото во интервју за Би-Би-Си, кога актуелен повод беше можната независност на Шкотска. 

Портпаролите на ЕК во моментов во Брисел речиси секојдневно ја повторуваат оваа Барозова доктрина, одговарајќи на постојано поставуваните прашања на шпанските новинари - дали независна Каталонија ќе стане членка на ЕУ. Краткиот одговор гласи - не. Каталонската влада пак радо го тврди сосем спротивното. Таа е убедена дека 7,5-те милиони Каталонци од североисточниот дел на Пиринејскиот Полуостров можат на 1. октомври, преку народното изјаснување, да ја напуштат шпанската федерална држава, но истовремено да останат граѓани на ЕУ.

Demonstration für Unabhängiges Katalonien (Reuteras/A. Gea)

Радосно кон независност и економски хаос?

Можен е повторен прием во ЕУ

Ако навистина настане независна држава Каталонија, таа, според ЕУ-договорите, може да побара прием во ЕУ. Но, таа мора да го помине целокупниот процес на приклучување, што може да трае со години. Сите ЕУ-членки, вклучувајќи ја и Шпанија, треба да дадат зелено светло за пристапните преговори. Што е малку веројатно во случајов.

Од економски аспект, мислењето на многумина стручњаци, претпријатија и банки и во Каталонија е дека тешко би ја преживеале независноста и со неа барем привременото збогување од ЕУ. Извозот на каталонската автомобилска индустрија денес речиси исклучиво се врши во државите од ЕУ. Како трета држава, Каталонија ќе треба да плаќа царини и би морала да склучи трговски договор со ЕУ. Не е сосем јасно како би се одразила каталонската државност врз директната граница со ЕУ-членката Франција. Голем дел од транспортот на стоки и на луѓе од Шпанија сега се одвива токму преку оваа граница, која би станала надворешна граница на ЕУ. Каталонците веројатно би смееле да ја задржат европската заедничка валута - еврото, но каталонските банки би биле исклучени од системот на европските централни банки. Така, тие би биле оставени сами на себе, а оценката за нивната кредитна способност сигурно ќе се намали. Последиците се тешко предвидливи.

Не само политички, туку и економски, државноста на шпанскиот регион Каталонија би била голема авантура, претпоставува економскиот експерт Георг Абег во „Виршафтсвохе“. Абег работи во Барселона и Мадрид за канцеларијата „Редл и партнери“:

„Владејачките политичари на Каталонија воопшто не им ги разјаснуваат овие работи на Каталонците, а референдумот на тој начин станува слично апсурден како и Брегзитот. Дури и ако референдумот беше легален, неможно е поставување единствено на прашањето - дали се сака разделување од Шпанија или не.“ Регионот Каталонија има високи долгови. Кон шпанската централна држава, веднаш по независноста, би достасале за плаќање десет милијарди евра. 

Karte Separatistsische Regionen in Europa

Сепаратистички стремежи во ЕУ: интензивни во Каталонија и Шкотска, умерени во Фландрија и фолклористички во Баварија

А како беше со Германската Демократска Република?

Заговарачите на каталонската независност често и на драга волја укажуваат на тоа дека и Германската Демократска Република во 1990. година беше примена во ЕУ. Но, правниците од ЕУ ја истакнуваат разликата. ГДР на 3. октомври 1990. година пристапи кон ЕУ-членката Сојузна Република Германија. Значи, во случајов имаше пристапување, а не излез. Постапката едногласно беше одобрена од членките на ЕУ. Патем, и Шкотска, ако реши да се раздели од Велика Британија, ќе мора да го помине вообичаениот пристапен пат, повторува одново и одново ЕК. Меѓутоа, Велика Британија самата, по Брегзит, нема да биде членка на ЕУ и не би можела да го спречи гласањето за отворање пристапни преговори со Шкотска. Тука е и случајот со Гренланд. Арктичкиот остров во 1985. година, на своја желба, се раздели од ЕУ, откако стана, повеќе или помалку, независен од Данска. Но, Гренланд, според меѓународното право, не е држава, ниту членка на ЕУ. Ова звучи премногу комплицирано? Навистина е комплицирано и затоа сигурно уште долго ќе ги преокупира судиите во Европскиот суд на правдата и бројни други правници.

 

DW.COM