1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Карневалистите ги исмеаја политичарите

Kарневалот во Рајнската област во Германија денеска ја доживува својата кулминација. Во поворката на таканаречениот Розенмонтаг, доминанти маските со екс-претседателот Вулф.

default

Возило со Вулф имаше и на поворката во Мајнц

Бројни полититичари се „на забот“ на карневалистите оваа година - Кристијан Вулф, Ангела Меркел, Никола Саркози. Но, една од доминантните теми на карневалот годинава е оставката на германскиот сојузен претседател Кристијан Вулф. Возилото со пародија на настаните околу Вулф во Келн мораше комплетно да биде размонтирано во петокот, по оставката на претседателот. Возилото со новиот мотив на тема Вулф е подготвено за поворката во рекордно време од само два дена. На него Вулф е прикажан со преголем костум за него, од чии џебови испаѓаат мобилни телефони, камати и летувања. Меѓу останатите теми на карневалот се спасот на еврото, како и нискиот рејтинг на германските либерали.

Rosenmontag in Düsseldorf

Мотив на едно од возилата на карневалот во Диселдорф

Според проценките, во четирите упоришта на карневалот - Келн, Диселдорф, Мајнц и Бон, на улиците излегоа околу два милиони луѓе. Келнската карневалска поворка на пример, беше долга околу седум километри со околу 12 илјади луѓе во неа, кои на народот му исфрлија околу 300 тони колачи и бонбони.

Многу од гледачите, кои во најголем дел се исто така костумирани, наполнија полни торби чоколада и бонбони.

Што е Розенмонтаг?

За потеклото на името Розенмонтаг има различни теории - една од нив вели дека името нема врска со розите, туку со глаголот „разен“, односно да се биде весел, смешен, палав. Според друго објаснување, пак, името датира од 19. век. Имено, во 1823 година во Келн е основан „Комитет за фестивали“, кој имал за цел да донесе одредби за текот на карневалот. Генералното собрание на овој Комитет се одржувало секогаш во понеделник по третата недела. Оваа недела од 11. век наваму се нарекува и Розензонтаг, затоа што папата на тој ден осветувал една златна роза и ја предавал на личност со заслуги. Комитетот кој во понеделникот што следувал ја организирал поворката се нарекувал „Здружение Розенмонтаг“. Името прво се однесувало само на поворката, а потоа се пренесло и на целиот ден.

Порано во Рајнската област, вечерта на Розенмонтаг се отворале прозорците за ангелите да можат да земат нешто од оброците. Луѓето верувале дека постите на небото се држат многу строго и затоа сакале да им дадат можност на ангелите уште еднаш „добро да се најадат“ пред да почнат со долгите Велигденски пости.

Автор: ЖА/ЕМФ/апн/дв

Редактор: Е.М. Фиданоска