1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Карл Маркс капитализира од економската криза

Пред повеќе од 140 години Карл Маркс ја напиша книгата која очигледно со секоја криза се’ повеќе добива на значење: „Капитал“. Продажбата на ова дело во Германија расте, а сега е издаден и аудио запис со тези од него.

default

Восочната фигура на Карл Маркс со неговото најпознато дело „Капиталот“

„Маркс во моментов е веројатно најчитаниот класичен автор од општествените науки“, оценува социологот Хајнц Буде. Марксовите теории на социjализмот сега можат и да се слушаат. Првиот том на „Капитал“ неодамна е издаден и како аудио книга на шест компакт дискови во траење од седум часа. Се разбира, станува збор за значително скратена верзија, во која меѓутоа се застапени најважните тези.

„Капиталот“ доживува ренесанса

Buchcover Karl Marx Das Kapital Erstausgabe

Наслованата страница на првото издание на „Капитал“

„Капитал“, најпознатото дело на Карл Маркс, е едно од најсложените и најтешко разбирливите дела на економската теорија на 19 век. Тогаш од каде идејата таа книга да се сними и како звучен запис? Издавачот Маргит Остеволр истакнува дека главна причина за тоа е токму финансиската и економска криза:

„ Карл Маркс насекаде се цитира, не само во економските магазини, туку и во приватните кругови“.

Значи, и покрај неговата сложеност, „Капиталот“ во моментов доживува ренесанса. По избувнувањето на финансиската и економска криза во 2008 година во Германија се продадени 4.500 примероци од книгата. За споредба, во 2005 година во германските книжарници биле купени само 750 примероци.

Маркс како теоретирар на слободата

Karl Marx 1818-1883 Philosoph farbige Zeichnung Porträt

Портрет во боја на Карл Маркс

Во многу германски градови во последно време се основаат книжевни кружоци на љубители на творештвото на Маркс. Младата студентска генерација денес повторно го открива овој теоретичар. Но сепак оваа појава нема ништо заедничко со марксистичките кружоци од 70-те години, вели социологот Хајнц Буде. Тој истакнува дека Марксовите дела повеќе не се читаат како дела на теоретичар на социјализмот и еднаквоста, зашто таа идеја оставила длабоки злосторнички траги во човековата историја.

Денес, според Буде, на Маркс пред се’ се гледа како на теоретичар на слободата, кој ни покажува дека актуелната состојба не треба да се прифати без приговор, туку секогаш треба да се трага по подобри алтернативи:

„Кога говориме за слободата, онаква каква би си посакале во иднината, тогаш дел од тие разговори мора да биде и Карл Маркс“, вели Буде.

Автор: Кристел Вестер/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска