1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Карзаи се налути

Авганистанската влада нема да учествува на мировните разговори со талибанците што треба да се одржат утре (20.06) во Катар. Карзаи се налути и ги замрзна и преговорите околу безбедносниот договор со САД.

Високиот мировен совет нема да учествува на преговорите се‘ додека нема мировен процес кој целосно ќе биде воден од Авганистанците, соопшти Претседателската палата во Кабул денеска (19.06). Претходно, Претседателската палата соопшти дека ги става под мраз преговорите со САД околу безбедносниот договор, поради тоа што „има противречности меѓу делата и изјавите на САД во врска со мировниот процес“.

Талибанците вчера отворија канцеларија за врски во главниот град на Катар, Доха. Американската влада потоа најави директни разговори со талибанците. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи (на насловната фотографија) инсистира на тоа талибанците да водат преговори со неговата влада. Тие тоа досега го одбиваат. Освен тоа, талибанците денеска најавија дека ќе продолжат со напади во Авганистан и покрај тоа што претстојат разговори со САД.

Набљудувачите, па дури и самите САД, ги амортизираат очекувањата од разговорите со талибанците. „Овој процес нема да биде лесен и брз“, вели американскиот претседател Барак Обама, додавајќи дека тоа е сепак неопходно „паралелно со нашиот воен ангажман“.

Дека на лице место ништо не е променето со спекатуларната најава за разговори покажува и инцидентот во американската база Баграм, северно од Кабул. Таму изутрината (19.06) загинаа четворица американски војници од, како што тврди американската страна, „индиректно стрелање“ на бунтовниците. Талибанците, пак, тврдат дека ја нападнале воената база со ракети.