1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Карзаи забрани воздушна поддршка од НАТО

Армијата на Авганистан од сега не смее да бара меѓународна поддршка од воздух. Претседателот Хамид Карзаи ова го забрани со декрет, како реакција на последниот воздушен напад на НАТО, при кој повторно загинаа цивили.

Цивилните жртви при воздушните напади на НАТО одамна се тема околу која се кршат копјата меѓу претседателот на Авганистан Хамид Карзаи и странските сојузници. Сега Карзаи издаде декрет со кој на авганистанската војска и’ забранува „во сите околности“, да бара странска воздушна поддршка во населени области. Ова важи од денеска (17.02), изјави Претседателот во говорот пред официрите во една воена академија во Кабул.

Причина за ваквиот чекор е еден спорен заеднички напад на авганистанските трупи и војниците на НАТО во провинцијата Кунар на истокот на земјата од измината среда. Во нападот, според авганистански извори, покрај тројца команданти на радикално исламистичките талибанци биле убиени и најмалку десет цивили, меѓу нив пет деца. Карзаи соопшти дека командантот на ИСАФ Џозеф Данфорд му соопштил дека авганистанската војска побарала воздушен напад.

Данфорд е согласен со барањето на Карзаи

Новиот врховен командант на силите на НАТО во Авганистан рече дека меѓународните трупи ќе се ориентираат според наредбата на Карзаи. Покрај воздушните напади има и други можности да се поддржат авганистанските сили за безбедност, вели Данфорд. НАТО се’ уште не е информиран до детали за наредбата на Карзаи, но тие ќе бидат разгледани во наредните денови.

ИСАФ веќе минатата година издаде тактичка директива, да се избегнуваат воздушни напади врз бунтовниците во населени области. Ова укажување следеше по убиството на 18 цивили во провинцијата Логар. До крајот на 2014 година странските трупи треба да се повлечат од Авганистан.

„Ние сме среќни, што странските трупи ќе се повлечат од Авганистан“, изјави Карзаи. „Нашите сили за безбедност молат за странска помош. И деца умираат при воздушен напад“, го образложи Карзаи својот декрет. Тој честопати бараше од странските трупи - „не ги бомбардирајте нашите куќи“. Авганистанските трупи се во состојба земјата да ја бранат со сопствени сили.