1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кардиналите ги почнуваат подготовките за избор на нов папа

Кардиналскиот совет на Католичката црква денеска почнува со секојдневните состаноци пред конклавите на кои треба да се утврдат барањата и предизвиците пред кои се наоѓа црквата.

Намерата на кардиналите е новиот папа да биде избран во текот на следната седмица и потоа свечено да биде востоличен неколку дена подоцна за да може да биде во служба во текот на Велика недела, којашто почнува со Цветници на 24-ти мај и кулминира со Велигден една седмица подоцна, според грегоријанскиот календар.

Општите конгрегации, состаноците на сите кардинали кои пристигнаа во Рим, ќе се одвиваат секојдневно двапати на ден, наутро и попладне, сe‘ до почетокот на конклавите. На конгрегациите ќе учествуваат и кардиналите повозрасни од 80 години, кои немаа право да влезат во конклавите и да го избираат новиот папа. Со состаноците претседава деканот на Кардиналскиот совет Анџело Содано, а секој кардинал има право да зборува седум минути. Конгрегацијата е и можност кардиналите меѓусебно подобро да се започнат и да утврдат кој од нив ќе стане новиот поглавар на римокатоличката црква. Кардиналите во текот на следните денови ќе го одредат и почетокот на конклавите. Се очекува дека тоа може да биде на почетокот од следната седмица. Право на глас имаат 117 кардинали, но двајца се откажаа од доаѓањето во Рим, па во Систинската капела зад затворени врати ќе гласаат 115 кардинали. На дневниот ред на конгрегациите секако ќе биде поставено и прашањето за управувањето на католичката црква, откако во текот на аферата Ватиликс се покажа дека во Ватикан има корупција и бескрупулозно ривалство. Се очекува дека кардиналите ќе бидат информирани и за другите скандали и неправилности во Куријата за кои изминатите денови италијанските медиуми нашироко пишуваа.

Konklave Kardinäle in St. Peter

Кардиналите пред миса во базиликата Св. Петар во Рим

„Мораме да дознаеме нешто за некои работи за коишто немаме доволно информации, бидејќи сме далеку од Рим“, изјави за италијанската телевизија кардиналот Оскар Родригез Марадиага од Хондурас. Американскиот кардинал Даниел ДиНардо, надбискупот на Галвестон-Хјустон, нагласува дека повеќе од половината кардинали коишто може да го дадат својот глас се именувани од последните конклави. „Запознавањето е дел од целиот процес“, додал тој. Излагањето на секој кардинал на конгрегациите внимателно ќе биде следено, а дискретно ќе се распрашуваат за квалификациите на оние поистакнатите.

„Мислам дека никој од нас веднаш нема да рече ’ова е мојот човек’, имаме голем избор“, вели бостонскиот кардинал Шон О’Мејли. Кардиналите никогаш јавно не откриваат кои се нивните фаворити, но во интервјуата даваат да се насети какви квалитети би требало да поседува новиот папа. Една од најчесто споменуваните сега е способноста за пренесување на верата, односно вештината на комуникацијата. На конгрегациите сигурно ќе биде разговарано и за сексуалните скандали коишто ја потресуваат католичката црква, особено откако еден кардинал кој можеше да гласа, единбуршкиот надбискуп Кит О’Брин поради тоа мината седмица поднесе оставка.