1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Капка муслимани во море од католици

Во Полска живее мало малцинство муслимани, потомци на кримските Татари, кои ја зачувале својата вера. Со околу 30 илјади припадници на исламската вера Полска е една од државите во ЕУ со најмал дел муслиманско население.

default

Агата Налборџик

Биалусток, среден по големина град на најисточната точка на Полска, во населбата опкружена со бројни згради, се наоѓа мала еднокатна дрвена куќа. Паѓа в очи не само поради својата виолетова боја - тука се среќаваат полските муслимани на молитва. Во првите редови се мажите, зад нив жените, вкупно 30-тина.

Во Полска, каде католицизмот е особено силен, муслиманите се во малцинство, околу 0,1 проценти од вкупното население. Најголемиот дел од нив живеат во источниот дел од земјата токму околу градот Биалусток. Меѓу нив и Халима Шахидевич, 70-годишна жена, претседател на муслиманската заедница во градот:

„Живееме, така да се рече, во море од католици. Но, и покрај тоа, во Полска ни‘ е добро. Ова е земја отворена за другите религии. Ако не беше така, ако не‘ третираа полошо, сигурно немаше да имаме толку долга историја во Полска.“

Верни соборци во војните

Пред 600 години, Татарите се преселиле од Азија кон Полска. На полските принцови тогаш им служеле како соборци. Така, тие се бореле на страната на полскиот крал Јоханес трети Собиески во 17 век и во битката кај Виена придонесле за негова победа против Турците.

Како подарок за нивната лојалност, од кралот добиле земја и таму се населиле. Со тек на времето, Татарите се интегрирале, објаснува експертот за ислам на Универзитетот во Варшава Агата Налборџик:

„Го загубиле својот јазик, сега зборуваат полски, но не ја загубиле својата религија, зашто христијанското население било многу толерантно, а кралот ги штител бидејќи биле добри војници. “

Соживот за пример

Polen Slubice Besucher auf dem Polenmarkt

Околу 5 илјади Татари оттогаш живеат во мирно соседство со домашните католици. Во 1936 година нивната религија беше призната за државна, може да се учи и во училиштата. Учениците можат да учат дури и арапски, вели Артур Конопацки, 30-годишен човек кој припаѓа на муслиманското малцинство:

„Во недела младите се среќаваат во едно училиште кое им е ставено на располагање. Еден наставник им предава арапски. Културно се асимилирани, но верата ја чуваат.“

Надворешно, се разликуваат по азиските црти на лицето, во делот околу очите.

Совет на католици и муслимани

Пред 12 години, во Полска беше формиран заеднички Совет на католиците и муслиманите, поддржуван од полските бискупи и од саудиската кралска куќа, единствена ваква институција во Европа, вели Агата Налборџик, член на Советот:

„Целта ни‘ е приближување на муслиманите и христијаните, да ги запознаеме луѓето со ова малцинство и неговата религија. Важно е да се покаже дека муслиманите не се сите терористи и фундаменталисти.“

Како поддршка се организираат бројни конференции, средби и се издават публикации, а Советот редовно организира заеднички молитви. Халима Шахидевич покажува на планот на муслиманската верска заедница за оваа година, кој предвидува заедничка прослава:

„Сега ќе организираме отворена забава. Ќе подготвиме храна, а ќе свири една група. Се‘ едно од која вера, кај нас секој е добредојден. Вратата е отворена за сите.“

Автор: Јустина Бронска / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска