1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кан: сериозни теми и холивудски спектакл

На досегашната програма на 64-то издание на Канскиот филмски фестивал доминираат сериозни теми и трагични човечки судбини. Германските режисери се претставуваат со теми врзани за болест и смрт.

default

Екипата од „Проклетството на Карибите 4“ со Џони Деп и Пенелопе Круз

Контрастот кој се забележа уште вториот ден во Кан не можеше да биде поголем-по веселиот почеток со филмот на Вуди Ален „Полноќ во Пaриз“, со кој започна фестивалот, и настапот на сопругата на францускиот претседател Никола Саркози, Карла Бруни, атмосферата одеднаш се промени во целост и стана сериозна. Темите на филмовите во првите денови на програмата се однесуваат на сексуалното искористување на децата, проституцијата, карциномот, тагата, запуштените деца, насилството.

Германска семејна драма и приказна за педофил

Еден од филмовите кој можеби повеќе од другите ја трогна публиката и присутните новинари беше филмот на германскиот режисер Андреас Дрезен, „Остани на слободната лента“. Филмот е семејна драма која настанува во моментот кога 40-годишен маж ја добива дијагнозата-карцином на мозокот. Дрезен не се занимава само со приказната на пациентот кој веќе не може да оздрави, туку со реакциите и начинот на прифаќање на ситуациите од сопругата и синот.

Cannes Filmfestival 2011

Сцена од филмот „Остани на слободната лента“

„Раѓањето и смртта се дел од нашиот живот, но иако тоа добро го знаеме, сакаме тоа да го потиснеме, особено во случај на болест. Тоа е штета, киното затоа може да ни‘ даде повеќе простор за соочување со овие егзистенцијални проблеми“, изјави Дрезен.

Но, тој не ги пушта посетителите да си заминат дома тажни, да се умре е жално, но тоа не е смрт:

„Филмот, не без причина, завршува со песна од Гисберт цу Кнупхаузен-живеј го животот, ова е прекрасен летен ден. На крајот на филмот останува реченицата која ќерката му ја кажува на смртната постела на таткото-морам на тренинг, значи, животот оди натаму. Не мораме секогаш да бидеме среќни и радосни, како што мислат речиси сите, особено овде во Кан“, вели германскиот режисер.

Уште повеќе емоции предизвика филмот „Михаел“ од режисерот Маркус Шлајнцер. Неговиот првенец, кој сосем неочекувано е ставен во официјална конкуренција, раскажува за 10-годишно дете кого еден педофил го држи затворено во подрумот и редовно го злоставува. Филмската приказна е инспирирана од вистинскиот случај со Наташа Кампуш, но во прв план не е жртвата, туку злосторникот. По проекцијата многумина гледачи поради тоа го изразија своето несогласување.

„Само по себе е тешко да се гледаат страдањата на детето. Прашање е-смее ли во фокусот да биде еден педофил, чии постапки се прикажани на исклучително студен и прецизен начин“, коментира на пример германскиот весник „Тагесцајтунг“.

Се‘ на се‘, ништо ново

Arnold Schwarzenegger stellt Film The Gouvernator in Cannes vor

Арнолд Шварценегер во Кан

За малку посветли моменти на фестивалот во Кан се погрижија италијанскиот режисер Нани Морети и францускиот актер Мишел Пиколи. Филмот „Хабемус Папам“ зборува за папата кој во животот сака се‘, само не да биде папа. Кан инаку и годинава не го заобиколија големите холивудски проекции, овојпат тоа е спектаклот „Проклетство на Карибите 4“ со Џони Деп и Пенелопе Круз во главните улоги. Ова е само потврда-на Азурниот брег паралелно свој простор добиваат малите европски продукции на уметнички филмови и потешка тематика, како и најголемите блокбастери, се‘ зачинето со гламурот на црвениот тепих по кој шетаат филмските ѕвезди.

Автор: Јохен Киртен/дпа/Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска