1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Канцеларот Шредер во Ханој

Самитот на Асем - евроазиски форум за политички, економски и културен дијалог, денеска и утре заседава зад затворена врата во Ханој. Средбата се одвива под знакот на политичка кооперација, но и на продлабочување на стопанските контакти. Виетнам, домаќин на средбата, со економскиот бум како и во големи делови на Азија, е интересен партнер и за Германија.

За Виетнам средбата Азија-ЕУ е прашање на престиж, но треба да му послужи и да добие поддршка за прием во Светската трговска организација, за добивање место на непостојан член на Советот за безбедност на ОН и да постигне цврсти договори за подобрување на економската ситуација. Домаќинот на собирот потпиша значајни стопански договори со Индонезија и Кина, а доби и суштински ветувања од европска страна. Франција ќе учествува со 250 милиони долари во изградбата на трамвајска мрежа во Ханој и во модернизацијата на сигналните постројки. Виетнам, пак, во противпотег ќе купи 10 авиони Ербас. Франција ќе стави на располагање и 40 милиони долари за сузбивање на сиромаштијата кај населението во планиснкиот регион во централниот дел на земјата. Велика Британија неодамна ја зголеми за повеќе од двапати развојната помош која достигна 100 милиони долари. Германскиот канцелар Герхард Шредер тука во моментов не може да држи чекор. Тој се задоволи со учество во полагањето камен-темелник за изградба на германско претпријатие за конфекција со вредност од 120 милиони.

За германските проценки за самитот на АСЕМ,владиниот портпарол Бела Анда вели:

“Германската влада му придава многу големо значење на овој самит. Поради тоа канцеларот лично дојде, токму како и францускиот претседател Ширак. Тој знае дека овде се претставени 40 насто од светското население и 50 проценти од севкупната сила на светското стопанство. Тоа дури и не може доволно добро да се оцени во фонот на политичката ситуација во која се наоѓаме и со оглед и на нашата економска ситуација” – рече портпаролот Анда.

Герхард Шредер во Ханој пропагира проширување на неформалната кооперација меѓу Европа и Азија во ОН и во рамките на СТО. Генерално тој побара да се придушат негативните влијанија на глобализацијата врз социјално послабите слоеви и врз земјите во развој. Тој укажа на неопходноста од реформа на ОН и на аспирациите на Јапонија, Германија, Индија и Бразил за добивање постојано место во Советот за безбедност. Во претпазлива форма тој ја критикуваше ситуацијата со човековите права во Бурма.

Со оглед на најновите напади во различни региони на светот, тероризмот повторно е меѓу големите теми на АСЕМ.

“Тероризмот е тема и секако ќе биде третиран. Канцеларот веќе јасно кажа дека мора да се вложат сите напори за сузбивање и спротивставување на злото на тероризмот со засилена соработка и со засиленa соработка на културите, зашто пoчива врз религиозни основи” – koментира владиниот портпарол Бела Анда.