1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Канцеларката Меркел има полско потекло

Германската канцеларка Ангела Меркел има полски корени. Нејзиниот дедо Лудвиг Кажмирчак не само што бил Полјак, туку и се борел против германската армија. Полјаците се одушевени

Во 1918 година, Полска беше поделена веќе 120 години и не постоеше како држава. Дедото Кажмирчак како полски војник во Франција се борел против Германците, а подоцна и во Украина против болшевиците, откри деновиве весникот „Газета Виборча“ најтиражниот полски весник. Фактот дека дедото на Меркел се борел за независноста на Полска, таму се доживува со големи симпатии кои се пренесуваат и на германската канцеларка.

Информациите за минатото и делата на предците на полските политичари во таа земја имаат долга традиција. Но, за разлика од случајот на Меркел кој и‘ погодува на националната гордост на Полјаците и се смета за позитивен, една поинаква судбина беше голем хендикеп за актуелниот премиер Доналд Туск. Во 2005-та Туск се кандидираше против конзервативецот Лех Качински на претседателските избори. Но во истовреме полските медиуми открија дека неговиот дедо Јозеф се борел на страната на Вермахтот. И покрај тоа што се работело за присилна мобилизација, информациите му донесоа многу

Merkel und Tusk in Berlin 2012

Ангела Меркел и Доналд Туск во 2012 година

негативен публицитет на Туск и тој ги загуби тие избори.

Во Германија ваквите вести не играат толку голема улога. Напротив. Германската канцеларка дури и раскажува дека од полскиот премиер Туск барала да и каже како правилно се изговара презимето на нејзиниот дедо.

Далечни роднини во Познањ

Во меѓувреме полските новинари пронајдоа и роднини на канцеларката во Познањ, од каде што потекнува нејзиниот дедо. Нејзиниот роднина Зигмунт Рихлицки, денес пензионер, знаел дека има роднини во Германија, но не му паѓало напамет дека тоа е токму актуелната германска канцеларка. Дури минатата недела, откако медиумите ја открија новата биографија на канцеларката, тој го слушнал презимето Казнер (претходно Кажмирчак) и ја поврзал семејната историја. Во меѓувреме беа пронајдени и писма и фотографии од дедото на Меркел. Полјаците се особено горди на фактот што на една од фотографиите од 1919 година Лудвиг Кажмирчак е сликан во полската униформа со која се борел на страната на Французите против германската армија на западниот фронт. Кажмирчак живеел во Познањ до 1930 година, а потоа се преселил во Берлин, каде го сменил своето презиме во Казнер

Angela Merkel 1973 Jugend in der DDR

Студентката по хемија Ангела Казнер во 1973 година

(моминското презиме на Ангела Меркел).

Зигмунт Рихлицки деновиве се присетува дека синот на Лудвиг Кажмирчак, Хорст подоцна редовно им испраќал писма со информации за неговото семејство и за ќерката Ангела која студирала хемија во тогашна источна Германија. Но, дека тогашната студентка по хемија Ангела денес е меѓу најмоќните жени во светот, на Зигмунт не му паѓало на ум.

И покрај тоа што немаат никаков контакт со своите роднини од Германија, Зигмунт Рихлицки и неговата сопруга Дениз се чувствуваат горди поради откритието и и’ посакуваат многу среќа на канцеларката. Не очекуваат дека таа некогаш ќе ги посети, но ако тоа се случи би биле пресреќни и со задоволство ќе ја пречекаат.