1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кант - "претеча" на ОН

"Ми беше отсекогаш голема желба да дојдам на гробот на Кант и сега ми се пружи можност со отворањето на Генералниот конзулат во Калининград" - изјави Јошка Фишер во интервјуто за ДВ по повод 200-годишнината од смртта на Имануел Кант. "Како што станував постар, така се' повеќе и повеќе се оддалечувавод Хегел, а од Ниче уште повеќе и му се враќав на Кант" - вели автобиографски шефот на германската дипломатија. "Тој е еден од најголемите филозофи. Ги имам прочитано сите негови поважни дела и сметам дека неговото влијание врз политичката мисла денес се' повеќе доаѓа во фокусот на вниманието, особено кога станува збор за неговото дело 'Кон вечниот мир'. Идеите на Кант, неговата етика, неговиот категорички императив како и критиката на теоретскиот ум се дела кои имаат трајна вредност во вкупната западна мисла, далеку преку границите на германското говорно подрачје." Јошка Фишер не е осамен во ваквото мислење. На светската компјутерска мрежа има преку 1,5 милиони разни страници кои му се посветени на Кант, а од бројот современи изданија за неговиот живот и дело се добива вртоглавица. Великанот на германската филозофија на денешниот 200-годишен јубилеј го слават на многубројни манифестации луѓето од Германија, Франција и Русија се' до Кина, Австралија и Нов Зеланд. И многумина од експертите за неговиот филозофски опус ја нагласуваат применливоста на Кантовите идеи и заклучоци: "Ерата на глобализацијата треба нему да му заблагодари за моделот на светски правен и миротворен поредок!" - смета Отфрид Хефе од Универзитетот во Тибинген, кој е еден од водечките германски специјалисти за Кантовата филозофија. Овој заклучок се однесува особено на последното чедо на големиот филозоф, делото "Кон вечниот мир". А Јошка Фишер смета дека Кант оставил такви мисли и принципи, кои се апсолутно современи и применливи и за секој модерен политичар: "Кант го поврзува разумот со манифестираниот свет, а оностраното зад него го смета за нешто само по себе дефинирано. Светот пак кај него е настан проткаен со разумот. Сметам дека тоа е решавачката точка што од него може да ја научи секој политичар. Истовремено секој политичар мора да ги познава и границите на разумот и да смета со нив." Овие заклучоци на министерот за надворешни работи се однесуваат на најчитаните дела на Кант: "Критика на чистиот ум", напишано во 1781, "Критика на практичниот ум" од 1788. и "Критика на способноста за расудување" од 1790. За првото епохално дело, историчарот на филозофија проф. д-р Манфред Кин оценува: "Кант тврди дека коперниканскиот пресврт во филозофијата се однесува на фактот што дотогаш владеело уверувањето оти само нештата имаат влијание врз луѓето. Сега тој вели, не! Не е така! Ние го конструираме светот. Кант оди дури до таму да вели дека ние воопшто не сме во состојба да го спознаеме светот каков што е, туку само неговите манифестации" - вели професорот Кин. Имануел Кант целиот живот го мина во Кенигсберг, денешен Калининград, но затоа неговата мисла имаше универзален и нескротлив карактер. Зошто ли би морал и да патува таков еден гениј?