1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Канев: Бугарија продолжува да го дискриминира македонското малцинство

Не постои политичар во Бугарија, кој би признал дека во земјата има Македонци и дека тие имаат права кои државата треба да ги почитува, вели во интервју за ДВ, Красимир Канев, претседател на бугарскиот Хелсиншки комитет.

default

Бугарија не ги признава правата на македонското мацинство во земјата.

Господине Канев, на конференцијата посветена на Ромите во Берлин стануваше збор за малцинските права, за односот на властите кон малцинствата, посебно во земјите од Југоисточна Европа. Излагачот за состојбата во Вашата земја, професорката Илона Томова од Софискиот Институт за социолошки студии, во статистичките податоци за малцинствата воопшто го немаше македонското малцинство во табелите. Таа не сакаше да одговори на прашањето на Дојче Веле за изоставањето на ова малцинство, велејќи дека тоа не е тема на конференцијата. Како изгледа од Ваша гледна точка положбата на македонското малцинство во Бугарија денес? Дали сте задоволни со неа?

Не, ниту еден застапник на човековите права во Бугарија не може да биде задоволен од третманот на македонското малцинство. Во Бугарија тоа е непризнаено малцинство, бугарската влада систематски го негира македонскиот идентитет и тоа не само на Македонците во Бугарија, туку и на Македонците во Македонија. Затоа таа го дискриминира ова малцинство и луѓето кои себе се нарекуваат Македонци. Тоа се однесува на нивното право на собирање, на здружување, на образование на мајчиниот јазик, како и на други аспекти од животот.

Во врска со правото на Македонците во Бугарија да се здружуваат, конкретно во политичка партија, имаме и пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тој побара од бугарската влада да го овозможи ова право, но досега ништо не се случи. Можете ли Ве молам да го коментирате овој факт?

Ова е можеби најсрамниот развој за Бугарија што се случи преку петте одлуки на Судот за човекови права во врска со правото на Македонците. Политичката партија ОМО Илинден Пирин беше успешна во едниот случај, политичката асоцијација ОМО Илинден во друг случај, имаше и три случаи во кои стануваше збор за правото на мирно собирање...

Владата на Бугарија не презеде мерки по овие случаи. Има и други претходно, а следната година или во 2010-та ќе ја видиме и следната пресуда на Судот за човекови права, што се занимава со оваа тематика. Не знам колку одлуки ќе бидат неопходни за бугарската влада да ги признае тие здруженија. Таа е подготвена да се соочи со какви и да е можни штети поврзани со тие одлуки на Судот, но не е подготвена да ги исполни одлуките и да ги регистрира официјално тие групи и да престане да ги дискриминира во спроведувањето на нивните човекови права.

Што мислите, од каде доаѓа таквиот голем отпор на бугарската влада, зошто е толку строга кога е во прашање македонското малцинство?

Тоа е историски проблем, во бугарското општество постои многу широк консензус дека луѓето кои живеат во денешна Македонија се Бугари по потекло. Проблемот е во тоа што целата теорија дека крвното потекло го одредува Вашиот идентитет, а не како се чувствувате Вие лично, тоа е многу примитивна теорија од времето на 18-тиот и 19-тиот век, тоа е расистичка теорија, на која и’ нема место во модерното опшстество. Но, таа е многу популарна на Балканот и тоа не само во Бугарија, туку помалку или повеќе и во сите соседни земји.

Ако добро Ве разбрав, Ве молам поправете ме ако тоа не е така, значи не само владината коалиција што е моментално на власт, туку исто така и во бугарското општество постои широк консензус што го одобрува ваквиот став кон македонското малцинство?

Апсолутно, не постои ниту еден политичар од етаблираните политички партии во Бугарија, кој би признал дека во Бугарија има Македонци и дека тие имаат права, што државата треба да ги почитува.

Колку е големо тоа малцинство, што велат статистичките податоци и каква е Вашата проценка за реалната бројка?

Последните статистики велат дека станува збор за околу 5.000 лица, кои се идентификуваат себе си како Македонци. Но, во условите во кои живеат тие луѓе, статистиката не може да биде веродостојна, бидејќи постои социјален притисок против признавањето на македонскиот идентитет. Исто така за време на последниот попис имаше и репресивни дејности на владата, кои упатија јасен сигнал дека не е добро за никого, доколку се идентификува како Македонец. Затоа во вакви услови е многу тешко да се каже колкаво е навистина тоа малцинство.

За какви репресивни мерки на владата станува збор, можете ли тоа малку да го допрецизирате?

Па, во времето кога се одржуваше пописот во 2001-та година беше отворена истражна постапка против неколкумина, кои се обидуваа да им дадат поддршка, да ги охрабрат Македонците да се декларираат како такви. Јасно е дека кога владата поведува истрага против таквите луѓе, дека се јавува импулс да се кријат, а кога попишувачите ќе дојдат кај нив дома, нема многумина да се осмелат да кажат дека се Македонци.

Што може да стори Хелсиншкиот комитет, како невладина организација која се бори за човековите права, за да го поддржи ова малцинство?

Ние водиме неколку од спомнатите процеси пред Судот во Стразбур, поконкретно станува збор за организацијата ОМО Илиден Пирин. Таму има адвокат од Хелсиншкиот комитет кој учествува во процесот пред Европскиот суд за човекови права, а исто така ја водиме и втората тужба на Здружемнието ОМО Илинден пред истиот Суд. Исто така редовно известуваме за кршењето на правата на Македонците и за дискриминацијата со која се соочени. Моментално подготвуваме алтернативен извештај до Комитетот за расна дискриминација на ОН, кој во февруари или во март наредната година повторно ќе го разгледува извештајот за Бугарија. Во него вклучивме некои информации за дискриминацијата на Македонците. Накусо, ги користиме сите достапни ресурси што и’ стојат на располагање на една невладина организација за да ги застапуваме човековите права.

Постојат ли некакви инструменти на ниво на ЕУ што би можеле да ги искористите за да извршите влијание врз бугарската влада и врз бугарското општество за да го измените сегашниот став?

Не сум сигурен кога станува збор за Европската унија. ЕУ не е многу заинтересирана за човековите права. Таа беше создадена пред се’ како економска организација, а политичките прашања и оние за човековите права не се во центарот на нејзиното внимание, иако мора да се каже дека се’ повеќе и повеќе се врти вниманието во таа насока.

За жал во перидот на преговорите за членство со Бугарија, ЕУ не беше заинтересирана да поведе сметка за положбата на Македонците во мојата земја. Ако ги погледнете извештаите за напредокот пред приемот, нема да најдете ниедно место каде се спомнуваат Македонците. Може да се каже дека ЕУ многу површно се однесуваше и кон другите прашања поврзани со човековите права во земјата кандидат, некои од нив беа повеќе спомнати. На крајот постојано стоеше дека Бугарија ги исполнува политичките критериуми од Копенхаген, што докажува колку мала важност им придава ЕУ на човековите права.

Можете ли да ми кажете нешто за Вашето потекло? Имате ли некаква поврзаност со Македонците? Вакви јасни зборови во врска со положбата на ова малцинство многу ретко се слушаат од бугарски политичари или претставници на невладини организации.

Не, јас сум етнички Бугарин! Немам никакво малцинско потекло! Доаѓам од централното подрачје на Бугарија. Но, јас сум борец за човекови права уште од млади години, а дејноста на активистите за заштита на човековите права е заснована врз принципот на солидарност. Тоа значи, сеедно за која група може да станува збор, моја должност и на мојата организација е да се занимаваме со таквата ситуација. А дискриминцијата против Македонците секако претставува таков случај.

Дали се плашите од некакви политички последици, од некаков притисок поврзан со Вашата работа на заштита на човековите права, на малцинските права, не само на Македонците, претпоставувам дека се борите и за другите малцинства во Бугарија?

Не! Немам никакви политички амбиции и затоа не се грижам за политичко исклучување или за она што би го рекле политичарите. Јас сум активист за заштита на човековите права, мојата организација е независна невладина организација и доследно го следиме таквиот мандат. Вредноста на ваквиот ангажман е што ние не сме принудени да правиме компромиси, како што е тоа случај со политичарите. Некои политичари, кога ќе ја завршат политичката кариера, сигурно ќе имаат поинаков став за македонското прашање, во тоа сум сигурен, бидејќи сум водел разговори со некои од нив. Но, во бугарскиот политички живот сите актери се чувствуваат должни да го следат политичкиот „мејн-стрим", бидејќи се плашат дека ќе бидат исклучени од политиката, ако заземат поинаков став.