1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Канадска зима“ во германската влада

Аферата Едати предизвика ледена клима во владина коалиција во Берлин: обвинувања за „дрдорење“ на сметка на СПД, оставка на министер и осветољубивост од ЦСУ. Големата коалиција на Меркел е на испит.

Утре во Берлин за аферата Едати требаше да разговараат раководствата на трите партии-коалициони партнери во владата. Денеска, во последен момент е донесена одлуката наместо тоа да се одржи средба на тројцата партиски шефови.

Првите луѓе на партиите на големата коалиција на утрешните планирани разговори имаат всушност доволно други проблеми за дискутирање. Но, аферата со поранешниот пратеник од Социјалдемократската партија, Себастијан Едати, кој во Канада порачувал фотографии на голи момчиња, ќе им одземе веројатно драгоцено време.

Лидерот на Христијанско-социјалната унија Хорст Зехофер смета дека неговата партија е изиграна од страна на Социјалдемократите. СПД со своето „издрдорување“ целно предизвика оставка на министерот на ЦСУ, Ханс-Петер Фридрих, за да го сврти вниманието од себе, обвинува Зехофер. Се алудира и атакува главно врз шефот на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Томас Оперман, кој јавно објави дека тогашниот министер за внатрешни работи Фридрих уште во октомври лани знаел за истрагата против Едати и за неа го информирал претседателот на СПД, Зигмар Габриел.

Тоа веројатно претставува оддавање на службена тајна. Фридрих во петокот покажа доволно принципиелност да даде оставка без многу одолговлекувања.

„Тоа е незамисливо“

Целиот бес во ЦСУ по оставката на Фридрих поради аферата Едати може да се сублимира во изјавата на нивниот политичар Ханс-Петер Ул: „Не е можно еден социјалдемократски пратеник да е осомничен за купување списанија со детска порнографија, а единствената последица да биде оставката на еден министер од ЦСУ“.

Ул е познат по тоа што јавно го кажува она што го мисли раководството на неговата партија. На малиот партиски конгрес на ЦСУ во Бамберг деновиве вриеја емоциите. Министерот во оставка, Фридрих, не можеше да се спаси од тапкања по рамо. Тој, крајно, постапи многу фер кон коалициониот партнер СПД, имајќи го во вид и доброто на тогаш воспоставуваната голема коалиција. А како благодарност за тоа, доби „издрдорување“ и губење доверба.

Toronto Polizei PK zu Kinderpornographie

Инспекторите во Торонто наишле на порачката од страна на Себастијан Едати

Во ЦСУ владее видна осветољубивост кон СПД, за аферата, освен и така веќе „политички мртвиот“ пратеник од СПД, Себастијан Едати, треба да плати најмалку и Томас Оперман. Но, јавно оставка на Оперман досега побараа само членови на младите партиски сили на ЦСУ. Лидерот на партијата ЦСУ Хорст Зехофер повоздржано побара од СПД „да ги разјасни противречностите во изјавите околу аферата“.

Тежок сомнеж

Во воздух лебди тежок сомнеж дека Едати можеби бил предупреден од својата партија за истрагата против него. Во секој случај, информацијата покрај Томас Оперман ја имале партискиот лидер Зигмар Габриел кој директно ја добил од министерот Фридрих и тогашниот шеф на пратеничката група Франк-Велтер Штајнмаер. Информиран бил и покраинскиот министер за внатрешни работи на Долна Саксонија, Борис Писториус. Колкумина други знаеле за истрагата, не е познато. Осомничениот поранешен пратеник Едати, навистина, порекнува добиено предупредување, тврдејќи дека информациите ги добил од медиумите. Но, фактот што иснпекторите при претресот на неговиот стан и канцеларија и запленувањето на неговите компјутери нашле уништени хард-дискови, зборува во прилог на претходно предупредување. Затоа, од Унијата сѐ погласни се повиците политичарите од СПД, кои ја знаеле информацијата за истрагата против Оперман, да дадат изјави под заклетва дека не го предупредиле својот сопартиец.

Уште една непријатна работа за СПД е телефонскиот повик на Томас Оперман до Јерг Цирке, шефот на Криминалистичката служба, со цел да ги провери информациите за истрагата против Едати. За содржината на разговорот постојат различни сеќавања кај Оперман и Цирке. Лидерката на Партијата на левицата Катја Кипинг го критикува Оперман за обид да го поттикне Цирке на оддавање службена тајна. И претседателот на Комисијата за внатрешни работи на Бундестагот, Волфганг Бозбах тоа го оценува за неправилно и бара изјави пред Комисијата в среда од двајцата, Оперман и Цирке.

SPD Sigmar Gabriel Frank-Walter Steinmeier Thomas Oppermann

Тројцата кои ја имале информацијата за Едати: Габриел, Штајнмаер и Оперман

Претседателот на СПД Зигмар Габриел засега делува опуштено и досега исклучува персонални консеквенци во својата партија поради аферата. Според него, односот на доверба кон канцеларката Меркел не е нарушен, тој е уверен во скорото враќање кон претходната работна клима. Но, колку тоа брзо реално ќе се случи, зависи од канцеларката. Смирувачки зборови и диспциплонирање на разлутената сестринска партија ЦСУ само дополнително би ја иритирале нејзината база. Од другастрана СПД тешко може да се одрече од искусниот и агилен Томас Оперман како шеф на пратеничката група и нема да го принудува на оставка како жртвен јарец. Мнозинството смета дека најдобро би било СПД заради мир во коалицијата да изврши еден вид извинување. Првенствено, за да не ѝ нуди на опозицијата дополнителен простор за напади. Спектакуларниот случај, зачинет со гафови и интриги, за Левицата и Зелените е добра можност малку да ја омекнат надмоќната владина коалиција. Левицата веќе заговори формирање посебна Анкетна комисија за истражување на случајот.