1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Канада ќе се „лизне“ на Олимпијадата?

За Зимските олимписки игри во Ванкувер канадската влада инвестираше големи средства - со надеж дека големиот спортски настан ќе донесе финансиска добивка. Новите пресметки велат дека буџетот ќе остане со куси ракави.

default

Колку пари ќе „изгори“ олимпискиот оган во Канада?

Кога Жак Рог, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, во 2003 година соопшти дека Ванкувер ќе биде организатор на Зимските олимпсики игри во 2010 година, во Канада владееше вистинска еуфорија. Националниот олимписки комитет ветуваше преку 9,6 милијарди долари добивка, илјадници нови работни места и поголем број туристи од целиот свет. Уште пред една година, на почетокот на 2009, премиерот на канадската покраина Бритиш Колумбија, Џордан Кемпбел, во интервју за телевизијата СиБиСи порача: „Се движиме во рамките на предвидениот буџет при планирањето на Олимписките игри. Во меѓувреме се подготвени сите спортски борилишта. Олимпијадата за нас претставува и економски поттик, што ни влева оптимизам и ни овозможува да создадеме нови работни места.“

Лоша проценка?

Само неколку недели подоцна се проширија информациите дека трошоците за подготвките на Олимписките игри ќе ги надминат предвидените буџетски средства. Првичните калкулации за игрите во Ванкувер се движеа околу 1,5 милијарди долари. Во меѓувреме станува збор за 5,6 милијарди.

Olympische Spiele 2010 Canada Vancouver Vorbereitung

Зимски олимписки игри покрај вода: специфика на Ванкувер

Од предвидените 9,6 милијарди долари добивка, во државните буџет ќе се слеат не повеќе од една милијарда. Со тоа финансискиот биланс на Олимписките игри ќе донесе загуба од цели 4,6 милијарди. Како причини за ваквиот финансиски дебакл експертите ги наведуваат светската економска криза, како и погрешните пресметки на владата и на Националниот Олимписки комитет.

Канадската влада на ваквите песимистички пресметки сега им ги спротиставува аргументите дека Игрите ќе донесат долгорочни придобивки за туристичката бранша како во Ванкувер, така и во целата земја. Портпаролот на Министерството за туризам, Венди Андервуд, е уверена дека вложувањата на владата од 2,8 милијарди долари за Олимпијадата и за инфраструктурните објекти во земјата на крајот ќе се исплатат. „Во изминатите повеќе од пет години имаше цела низа градежни активности и развој на инфраструктурата во Ванкувер. По Олимписките игри ќе имаме далеку подобра инфраструктура, а освен тоа ќе имаме и придобивки од подобрениот имиџ на земјата на меѓународен план, бидејќи Олимписките игри ќе ги следат само преку телевизија повеќе од три милијарди луѓе.“