1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кампување во фабричка хала

Во поранешна магацинска хала за козметика, во германскиот град Бон, функционира своевиден рај за љубителите на кампувањето. Уникатно и практично решение за претежно врнежливата Германија.

Има ли нешто поубаво за еден кампер од седењето пред сопствената приколка? Да се ужива во мир и прекрасен поглед. И сето тоа без бодежи од комарци. Среде Бон, во една стара магацинска хала, има посебен камп.

„Предноста е во тоа што при лошо време сепак можам да уживам во кампинг атмосфера без да морам да се кријам во некој шатор или куќичка.“

Бејскамп - така се вика местото за кампување со 15 историски камп приколки. Ниту една не наликува на друга. Дизајнерката Марион Сеул една година собирала мебел и други реквизити.

„Кај овие приколки постојат две групи кои се преферираат. Од една страна тоа се девојчиња, кои се поистоветуваат со оваа розова и сребрена боја. Од друга страна, тоа се возрасни мажи кои ја сакаат оваа приколка, бидејќи и ним им се тие бои атрактивни.“, вели Марион Сеул.

Едно ноќевање за едно лице чини 30 евра. „Мојата омилена приколка се вика Наутилус. Тоа е класика од Холандија и е сочувана речиси во оригинална состојба. Тоа е многу мала приколка и повеќе е наменета за оние, кои навистина многу се сакаат.“, вели Марион.

Хотелски стандарди

Потоа има уште и летување како некогаш во Германската Демократска Република: шатор врз Трабантот. Има и камп-приколка наменета за групи, но и една луксузна варијанта: дизајнерска класика од САД со многу место внатре и дури и бања.

„Внимавме на тоа хигиенскиот стадард навистина да биде како во хотелите. Тоа значи дека на креветите има нови душеци, хотелска постелнина, но и хотелски сервис.“, објаснува Марион Сеул.

Појадокот е вклучен во цената. А патиштата во магацинот од едно до друго место се ионака куси. Камперот Матијас е задоволен: „И кога надвор паѓа дожд, тука моите нозе можат да останат суви кога одам во санитарните простории, на туширање или во бања. Тоа е прекрасно.“

Семејството на на Петра Тембринк истовремено изнајми две приколки - една за децата, друга за родителите. „Мојот сопруг не‘ донесе тука, претходно ништо не знаевме. Едноставно е прекрасно, толку е убаво наместено, секоја приколка одделно, тука може да се откријат многу работи.“, вели Петра.

Порано во халата имало магацин за козметика - денес ова место е рај за љубителите на кампувањето. Со прекрасен поглед, без разлика дали е лето или зима.