1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Камерон: Треба да се подготвиме за многу тешки вести од Алжир

Алжирските безбедносни сили упаднаа во пустински комплекс за гас со цел да ослободат стотици заложници. Во акцијата загинаа 30 од заложниците, меѓу кои има и западни државјани, како и најмалку 11 од нивните киднапери.

Ваквата информација за агенцијата Ројтерс ја пренесе член на алжирските безбедносни сили. Агенцијата ДПА, пак, јавува за конфузија околу информациите кои стасуваат од терен и ја пренесува изјавата на норвешкиот премиер Јенс Столтенберг, кој вчера вечер изјави дека нема јасна информација што се случило со заложниците, како и дека официјалната информација од Алжир е конфузна и некомплетна.

Нападот на безбедносните сили врз комплексот за гас во пустината на истокот од Алжир, во близина со либиската граница, продолжил и во текот на ноќта, информираше алжирската државна агенција АПС.

Geiselnahme in Algerien Luftaufnahme ARCHIVBILD

Сателитска снимка на гасната централа во пустината Сахара

Екстремистите блиски до Ал Каеда ја заземаа гасната централа Ин Аменас во Сахара во средата, а причината за тоа ја објаснија со француската воена интервенција против исламистичките бунтовници во соседен Мали, каде исламистичките сили се обидуваат да ја заземат цела територија и да ја соборат владата. Меѓу заложниците има 41 странски државјанин. Некои од заложниците успеале и да побегнат, информираа француски и алжирски медиуми. Алжирската АПС информираше дека 600 алжирски и четири странски работници биле ослободени за време на воената интервенција во гасната централа. Сепак, точниот број на киднапирани, убиени и ослободени е непознат.

„Се’ уште ги немаме бројките. Треба да се подготвиме за можноста за дополнителни лоши вести, многу тешки вести, во оваа екстремно тешка ситуација“, рече британскиот премиер Дејвид Камерон.

Gasfeld Algerien Geiselnahme

Западните енергетски компании ги повлекуваат работниците од Алжир

Неговата влада, како и тие од САД, Франција, Норвешка, Исланд и Јапонија потврдија дека нивни граѓани се меѓу заложниците. Европските влади побараа информација за судбината на заложниците. Тие се пожалија дека биле информирани за воената интервенција дури откако таа започнала. Акцијата во алжирскиот комплекс за гас се одвиваше со хеликоптери и трупи на теренот.

Поради инцидентот во Алжир шпански, норвешки и британски нафтени компании соопштија дека започнале со евакуација на работниците од алжирските енергетски постројки.