1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Камерата ќе ја открие причината за несреќата на Шумахер

Снимките од камерата која ја носел Михаел Шумахер за време на скијачката несреќа се употребливи, јавуваат француските медиуми. Сопругата Корина бара од медиумите да покажат повеќе почит.

Сопругата на Михаел Шумахер, Корина, денеска (7.01) побара од јавноста и медиумите да ги остават докторите намира да ја вршат својата работа и да ја почитуваат приватноста на нејзиното семејство.

„Ве молиме да ни помогнете во битката за животот на Михаел на тој начин што ќе ги оставите докторите да работат намира. Имајте доверба во нивните соопштенија и напуштете ја клиниката. Оставете го семејството намира“, се вели во соопштението на Корина Шумахер, сопруга на Михаел, седумкратниот светски првак во Формула 1.

Кон повикот на Корина Шумахер се приклучи и германското Здружение на новинари. Оттаму повикуваат на воздржаност во известувањето и порачуваат дека новинарскиот кодекс предвидува „почитување на чувствата на жртвите и на нивните семејства“ и тогаш кога станува збор за познати личности.

Германецот, кој на истекот на 2013 година по еден пад на скијање ја повреди главата, се‘ уште е во критична состојба. Докторите во болницата во Гренобл се борат за неговиот живот, но тие се под постојан притисок од бројните новинари и фоторепортери, поради што сопругата на прославениот Ф1 возач им се обрати со соопштение.

Лекарскиот тим кој ја води битката за животот на Шумахер последен пат се обрати вчера, кога беше информирано за благо подобрување на неговата состојба. Притоа беше соопштено дека повеќе нема да се соопштуваат детали за здравствената состојба на Шумахер.

Француските медиуми денеска, повикувајќи се на неофицијалните извори во истрагата, информираат дека камерата која ја носел Шумахер на својата кацига е употреблива и може да се користи како доказен материјал во утврдувањето на причините за несреќата. Камерата, која семејството им ја предаде на истражните органи, снимала за време на инцидентот.