1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Калиопи: Славам со срце за себе и за Македонија

Македонија обезбеди евровизиско финале, првпат по 2007-ма година. Калиопи со песната „Црно и бело“ ќе настапи како 22-ри изведувач на утрешното финале во Баку, Азербејџан.

Десетици милиони гледачи го следеа второто полуфинале на годишниот европски музички натпревар – Евровизија. Од 18 земји учеснички, десет обезбедија пласман во евровизиското финале. Меѓу нив е и Македонија, која се враќа во финалето по четири неуспешни обиди.

„Ние го славиме животот преку музика и јас вечерва славам со срце за мене и за мојата земја - Македонија. По четири години конечно сме во финалната вечер“, изјави Калиопи, а присутните на пресот и евровизиските фанови го проследија нејзиниот говор со бурен аплауз.

Прашана за кого и‘ е жал што не се пласирал во финалето, Калиопи одговори дека доколку е на местото на Европската радиодифузна унија би направила поинаква финална вечер – со сите 42 земји. А, меѓу оние кои отпаднаа од соседството се Словенија, Хрватска и Бугарија, а од првата полуфинална вечер и Црна Гора.

Aserbaidschan Eurovision 2012 Halbfinale 24.05.2012

Хрватската претставничка Нина Бадриќ

Луѓето во Македонија се среќни

Калиопи на прес-конференцијата ја поздрави Лиз Асиа, првата победничка на евровизискиот натпревар во далечната 1956-та година, која присуствуваше во прес-салата. Калиопи се пошегува и на сметка на својот брачен статус, обраќајќи му се на Ромео Грил, својот поранешен сопруг и композитор на „Црно и бело“.

„Сакам да кажам благодарам многу. Сега знам дека е многу добра работа да се остане во добри односи со поранешниот сопруг. Тој ја направи мојата песна. Ти ме направи среќна. И, не само мене, туку и многу други луѓе“, рече Калиопи. Таа по настапот добила многу пораки со честитки од Македонија.

„Знам дека моите луѓе во Македонија се многу среќни. Добив многу пораки вечерва. Но, знаете што? Кога го завршив настапот вечерва јас бев среќна и тоа беше доволно за мене, бидејќи знаев. Јас уживав во тие три минути, но сега сум многу посреќна“, изјави Калиопи.

Aserbaidschan Eurovision 2012 Halbfinale 24.05.2012

Жељко Јоксимовиќ ја претставуваше Србија

Калиопи пее во финале како 22-ра по ред

По прес-конференцијата таа го извлече редниот број за настапот во финалната вечер. Таа утре во Кристалната сала во Баку ќе настапи 22-ра по ред. Освен неа, утре на евровизиската сцена излегуваат и Литванија, Босна и Херцеговина, Србија, Украина, фаворитот за победа Шведска, Норвешка, Естонија, Малта и Турција. Пласман од првото полуфинале обезбедија Исланд, Грција, Албанија, Романија, Кипар, Данска, Русија, Унгарија, Молдавија и Ирска. Директно во финалето влегуваат шест земји: Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и Италија, како и Азербејџан, како победник од претходната година и домаќин на изборот.

Македонија во минатите години не успеа да обезбеди финале на Евровизија, по 2007-ма година, кога во Хелсинки земјата ја претставуваше Каролина Гочева. Македонските претставници не успеаја да го минат полуфиналето во изминатите четири години, на изборите во Белград, Москва, Осло и Диселдорф.