1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Како ќе се финансира македонскиот спорт?

Каков третман ќе има македонскиот спорт во 2013? Кои ќе бидат приоритетите на двете носечки институции, Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет во финансирањето на спортската активност?

Агенцијата за млади и спорт деновиве излезе пред македонската јавност со стратегијата за развој на спортот до 2017 година. Еден од членовите на Комисијата за подготвка на програмата за финансирање е Зоран Радиќ, професор на факултетот за физичка култура во Скопје:

„Изготвивме 5 годишна програма,која треба да го унапреди спортот во Македонија. Таа има два главни дела, меѓународна и домашна активност.Планирана е намена и за подобрување на спортската инфраструктура. Средствата, кои спортот ќе ги црпи од буџетот на државата се зголемени за приближно 20%. За активностите во 2013 година тие изнесуваат 60 милиони денари или приближно 1 милион евра.“

2013-та не е олимписка година, но за Македонскиот олимписки комитет е многу содржајна. Генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски во однос на програмата на Владата на Македонија вели:

„Зголемувањето на средствата во однос на претходните години е за поздравување и во иднина можеме да очекуваме подобри спортски резултати. Но, морам да кажам, дека ние како Олимписки комитет не учествувавме во изготвувањето на програмата. МОК беше изоставен од изработката на програмата на Агенцијата, освен во делот за Медитерански игри 2013, кој е заеднички проект.

Од аспект на работата на МОК, уште во октомври минатата година ние започнавме со реализација на програмата за 2013-та година. На пример , уште лани беа префрлени средства за скијачката федерацијата,која се подготвува за Игрите во Сочи. Беа ангажирани врвни стручњаци во работата со биатлонците. Ракометната репрезентација навреме ја доби финансиската поткрепа за учество на Светското првенство... и да не набројувам.Националните федерации се нашите главни партнери во работењето. Од нив постојано бараме програми за работа, но не секогаш ја добиваме потребната соработка. На пример, од 46 спортски федерации само неколку во потребниот рок ни ги доставија своите планови и програми.Сите оние, кои подготвија своја програма и натаму ќе ја имаат финансиската поткрепа од МОК.“

Mazedonien Olympisches Komitee Saso Popovski

Сашо Поповски, Генерален секретар на МОК

Радиќ ја објаснува концепцијата на Комисијата на Агенцијата за млади и спорт околу распределбата на планираните средства, иако без попрецизни податоци:

„Како и досега, најмногу средства се планирани за ракометот и кошарката. Со напомена, дека евентуални врвни постигања и во други спортови, би повлекле подобар финансиски третман. Приоритет ќе имаат олимписките спортови. Посебно внимание ќе се посвети и на индивидуалните спортови низ подобрување на условите за нивната активност. Пред се атлетиката, пливањето, гимнастиката, кајакот,како и трофејните борење и бокс. Бидејќи, гледаме критериумите за учество на Олимписките игри се се повисоки. Предвидено е и обезбедување на врвни стручни кадри во индивидуалните спортови, главно од Русија.“, вели Радиќ.

Македонскиот олимписки комитет пред себе ги има истите приоритети. Но, Поповски укажува на спецификите со кои се соочува МОК:

„Добро е познато дека МОК има специфична, уникатна ситуација во однос на другите национални олимписки комитети, без ниту еден денар дотација од државата.! Сепак, некако успеваме да обезбедиме извори за финансирање. Значи, првиот проблем е обезбедување на финансиските средства, а вториот исто толку важен е дека тие средства мораат да бидат навреме ставени на располагање на крајните корисници. Се трудиме ова да го испочитуваме.Оваа година се Медитеранските игри во Турција, на кои Македонија планира учество со бројна спортска делегација. Кошаркарите ќе бидат дел од Европското првенство во Словенија, се поблиску е Зимската Олимпијада во Сочи, како и младинските Летни и Зимски олимписки игри. Обемна програма ,која мора да се реализира. Другите олимписки комитети се помогнати од државниот буџет, ние не сме! Ја прифатвме оваа ситуација, не се помируваме со неа, но со нашата работа докажуваме дека МОК е квалитетен партнер на државата во унапредување на спортот.“,заклучува Сашо Поповски.

Издвојувањето за спортот во Македонија, објективно не е големо. Може ли да се компарира со вложувањата во соседството? Според неофицијални податоци, сите од екс-југословенските републики имаат подобар финансиски статус. Особено националните олимписките комитети.Но, нашите соговорници се едногласни во мислењето дека и овој спортски денар, подобро испланиран и распореден, може да донесе прогрес во македонскиот спорт.