1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како ќе се одрази косовската независност врз Македонија?

Какво ќе биде влијанието од актуелниот развој околу Косово врз Макеоднија? Аналитичарите со поделени ставови но сметаат и дека нема место за стравување, Македонија ќе има добри економски ефекти и коректен сосед.

default

Скопје

Скопје се уште е воздржано околу своето можно признавање на независноста на Косово, првите реакции во експертската јавност, кажани за Дојче Веле, се движат од предупредувања дека се забрзува патот на Македонија кон федерализацијата, до убедувања дека врз ситуацијата и нејзините перспективи ќе влијае градењето на внатрешните односи меѓу Македонците и Албанците, а не нејзиниот нов сосед.

Косово може да влијае врз Македонија

Според професорот по политички науки и екс – министер за надворешни работи Денко Малевски, по прогласувањето на косовската независност можно е албанскиот етникум во Македонија да почне да инсистира на јакнење на елементите на консензус во одлучувањето, а на надворешен план на доближување до Приштина и Тирана, на сметка на односите со Србија. Малевски посочува: „Фактот дека Косово, сепак, останува и независно и поделено зборува дека од него се можни влијанија, кои можат да дејствуваат дестабилизирачки врз Македонија. Фактот дека се создаде, практично, уште една албанска држава на нашите граници силно ќе ја зајакне позицијата на албанското малцинство во Македонија. “

Политичкиот аналитичар од невладиниот сектор Алберт Муслиу е на мислење дека од својот нов сосед Македонија може да очекува само добри економски ефекти, конечна демаркација на границата и позитивна енергија за соработка, а не некакви турбуленции во регионот. Муслиу истакнува: - „Самото прогласување независност на Косово не значи дека тоа ќе се спои со Албанија, или дека ќе се радикализираат некои други барања.“

Македонија заложеник на албанското прашање?

„Македонија, сепак,останува заложник на албанското прашање“ – смета професорката по одбранбени студии и безбедносен аналитичар Билјана Ванковска: - „Албанците во Република Македонија добиваат стимул, поголема храброст, или настојчивост да истрајат во внатрешните прегрупирања и тука мојата прогноза е дека Македонија оди дефинитивно кон федерализација. Со Косово, или без Косово.“

„Мнозинството Албанци во Македонија се за ваквиот нејзин статус, како унитарна држава, а независноста на Косово нема да има посуштествени негативни политички импликации врз Македонија“ – убедува професорот по уставно право Осман Кадриу: - „Федерација во Македонија, евентуално кроење некоја Голема Албанија, мислам дека тие како идеи не се исклучуваат, меѓутоа, сметам дека ја немаат поддршката од мнозинскиот дел на припадниците од албанскиот етникум.“

Ако Македонија го признае Косово ќе се омекнат односите

Според политичкиот социолог Ило Трајковски, ако ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се определат за признавањето на независноста на Косово, тогаш ќе дојде до „омекнување во односите меѓу етномакедонскиот и етноалбанскиот блок и тоа ќе значи дека тие работат на заедничката визија за Македонија.“ ако, пак, се изјаснат против таа независност, „тогаш ќе се конфликтуализираат уште повеќе внатрешните односи меѓу двата етникума“. Професорот Трајковски заклучува: - „Ако Република Македонија, нејзините главни етнички македонски политички партии и субјекти од власта и опозицијата не се приклучат кон признавањето на Косово, со сите ризици што ги носи тоа, токму тогаш ќе се случи радикализација на барањата на етничките Албанци во Македонија.“

Каква ќе биде одлуката на кројачите на официјалната политика на Македонија ќе се знае, најверојатно, многу бргу, но каков ќе биде реалниот одраз од раѓањето на новата држава на европскиот континент врз Македонија допрва ќе треба да покаже времето.