1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Како ќе се легализираат дивоградбите во Македонија?

Македонија е меѓу последните држави од Балканот кога станува збор за процесот на легализација на дивоградбите. Подготвен е закон што треба да биде донесен во наредниот период. Точниот број дивоградби не го знае никој.

default

Уривањето е регрес, легализацијата - стагнација, велат експертите

Македонија е земја на дивоградби. Транзицијата промовираше и толерираше хаос во урбанизмот, државата и‘ го препушти теренот на урбаната мафија. Последиците од ваквата состојба се видливи на секој чекор, во секое градско маало. Речици нема улица без објекти, куќи и згради кои што „стрчат“ како криви заби и го нагрдуваат ликот на градот. По две години урбанистичко дивеење, државата подготува закон со кој ќе се обиде да го реши проблемот. Намерата е да се легализираат дивоградбите.

Законот ќе биде донесен есенва, претходно ќе се организираат јавни дебати за експертите да го кажат својот став. Дел од оние кои ги консултираше Дојче Веле сметаат дека е позитивен обидот да се реши проблемот на дивоградбите, но предупредуваат дека тоа нема да биде воошто лесно. Универзитетскиот професор по урбанизам, Иван Мирковски, за Дојче Веле објаснува:

„Дивоградбите во една земја се знак. Тоа е како дијагноза на една болест, знак дека тука нешто не е во ред. Многу е комплицирано кога нешто е веќе изградено да се урне. Уривањето е регрес, но легализацијата не е одење напред, туку стагнација.“

Некои општини ги повикуваат граѓаните самите да ги пријават сите дивоградби во нивните места

Mazedonien Land und Leute

Од предлог законот за легализација се изоставени зградите

Некои градоначалници се фалат дека откако дошле на функција во нивната општина не е изградена ниту една дивоградба. Некои од луѓето од оваа дејност сметаат дека понуденото решение е половично. Скендер Палоши од општина Тетово вели дека од законот за легализација се изоставени зградите, иако токму голем број згради се нелегално изградени.

„Мојата најголема забелешка е во делот на домувањето - се предлага легализација само на семејните куќи, а не и на колективните објекти. Тоа не е во ред, бидејќи на голем број колективни станбени згради се надградени поткровја и останато, тие делумно се нелегални, подобро да се легализираат. Во спротивно, не сме го решиле проблемот.“

Никој не знае колку точно дивоградби има во цела Македонија, но се споменува бројка од над 20.000 објекти

Само во последните пет години статистиката регистрирала вкупно 10.602 дивоградби. Лани, најмногу бесправно се градело во Чаир, во Охрид и во Куманово. Градот Штип ги повика граѓаните самите да ги пријавуваат дивоградбите.

„За две недели се пријавиле самостојно 260 граѓани, најголемиот дел од дивоградбите се однесуваат на тераси и на соби во колективните згради. Според некои неофицијални информации, во општина Штип, во изминатите две децении, се натрупале на некој начин околу 3.500 дивоградби“, вели Драган Ристов, портпарол на општината.

На граѓаните кои ќе сакаат да ги легализираат објектите што ги градат или во кои живеат ќе им треба време да ја обезбедат потребната документација за тоа. Се бара геодетски елаборат, архитектонски проект, мислење за геомеханика и статиката и уште еден куп други документи. Законот предвидува уривање на објектите што нема да се легализираат во предвидениот рок - шест месеци од донесувањето на законот, но за него допрва ќе се произнесе експертската фела.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска