1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како ќе заврши спорот со „ЕВН“?

Австриската компанија „ЕВН“ пред суд ги бара правата во спорот со македонската држава. Може ли на Македонија во овој случај да и‘ се повтори она што веќе го доживеа со продажбата на рафинеријата „ОКТА“?

default

Владата мора да има цврсти аргументи кога дозволи спорот со „ЕВН“ да заврши на суд. Во спротивно расплетот од арбитражата во Вашингтон може да биде опасен по Македонија и да ја чини земјата стотици милиони евра, тврди во изјавата за „Дојче веле“ поранешниот министер за економија Стевчо Јакимовски. Тој ги водеше преговорите со грчките сопственици на „ОКТА“ за вонсудско решение на спорот, кој заврши со неуспех за Македонија. Рафинеријата го доби спорот на меѓународен суд. Сега Македонија плаќа пенали, повеќе од 40 милиони евра отштета, што практично значи дека Грците без пари ја добија рафинеријата. Дали на земјата може да и‘ се повтори ваков пораз и во случајот со „ЕВН“?

Јакимовски не сака да прави паралели:

„За „Окта“ ние имавме само политички аргументи, немавме правни. Не го познавам овој случај во детали и затоа мислам дека владата има правни аргументи, зашто во спротивно сумите кои ќе бидат досудени како отштета ќе бидат неколку стотини милиони.“

Властите во Скопје примија известување дека австриската компанија, поденела тужба против Република Македонија. Неофицијално, во неа се бара голема сума отштета. Владата почнува да ја подготвува одбраната, вели премиерот Никола Груевски:

„Точно е дека ја примивме поканата, се подготвуваме и ќе одговориме на неа.“

Skopje,ESM Zentrale

Вербалната војна продолжува

Во меѓувреме војната на релација „ЕВН“ – државни електрани не стивнува. Австријците не ги почитуваат законите во Македонија, обвинува директорот на државните електрани Влатко Чинговски.

„’ЕВН’ не сака да ги почитува институциите на Македонија, ако оди на арбитража во Вашингтон, можеби ќе се случи таа да треба да плаќа на државата.“

Во „ЕВН“ ги отфрлаат обинувањата. Гинтер Офнер од раководството на компанијата објаснува:

“Како вие лично ќе се чувствувате и како ќе реагирате, откако сте провериле внимателно, и како понудувач на највисоката цена сте купиле автомобил пред три години, сте ја платиле полната сума на сопственикот, од тогаш сте инвестирале многу да ја подобрите состојбата, а сега неговиот син, да ги наречеме државните електрани син, ве тужи да го платите истиот износ повторно за вашиот автомобил, за неплатеното гориво кое било искористено во периодот пред да станете сопственик. Затоа сме принудени да бараме арбитража во Вашингтон“, се обиде сликовиото да ја објасни суштината на спорот австрискиот менаџер.

Јакимовски, кој беше министер во владата што го продаде „ЕСМ дистрибуција“ стравува дека Австријците се во предност.

Стравувањата на Јакимовски се оправдани, ако се имаат предвид реакциите на странските амабасадори во Македонија, кои остро го критукуваа македонскиот суд кој го водеше процесот против „ЕВН“. Со оценка дека процесот не одговорал на вообичаените стандарди се огласи и германската амбасадорка во Македонија, Урлике Кноц, во интервјуто за „Дојче веле“.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска