1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како членките на НАТО реагираат на потребата за штедење?

Во време на економска криза и општо штедење, и министерствата за одбрана во Европа имаат се’ попразни благајни. Како се снаоѓаат земјите-членки на НАТО во беспарицата?

Избувнувањето на економската и финансиска криза пред 5 години, ги натера политичарите ширум светот да штедат. Од тоа, не се поштедени ни буџетите за безбедност на земјите- членки на НАТО. Само во Германија до 2015 година се планираат заштеди од 8 милијарди евра. Како се снаоѓаат генералите и министрите со помалку пари? Одговорот лежи во подоброто користење на постоечките ресурси и подобрата соработка во рамките на Северноатлантската алијанса.

Рецепт наречен синергија

„Во момент во кој сме принудени со помалку средства да ги исполнуваме задачите кои пред нас ги поставува безбедносната ситуација во светот, треба што може повеќе да ги засилиме зедничките механизми со кои располагаат сојузите“, рече уште во 2011 година германскиот министер за одбрана Томас де Мезие. Минатата година е започнат НАТО проектот „Паметна одбрана“ (Smart Defence), а во рамките на Заедничката европска надворешна и безбедносна политика (ГАСП) се се’ движи во насока на синергија на ресурсите. Но тој процес е се’ уште на почеток. „Ние сме се’ уште на самиот почеток. Порано беше така што секој учествува со она што најдобро може, но инаку беше, што се однесува на логистиката и планирањето, препуштен сам на себе“, истакнува потполковникот Михаел Ангерер од германското Министерство за одбрана. Сега партнерите во Алијансата би требало да се насочат кон пединечни задачи. „Ние веројатно веќе себе нема да може да си дозволиме 28 вооружени сили кои можат се’“, смета Ангерер. Пред Европа се големи задачи бидејќи НАТО-партнерот САД се’ повеќе се врти кон областа на Пацификот.

Холанѓани во германски тенкови

Досега во рамките на НАТО се применети 25 програми од т.н.  „Паметна одбрана“. Сите не ја прифатија со воодушевување програмата за здружување на силите и многу не беа, како што вели Ангерер, подготвени да се откажат од надлежноста за некои области. Но, соработката е се’ поинтензивна. Така Холанѓаните своите борбени тенкови ги паркирале во гаража, а холандските војници сега вежбаат на другата страна од границата, во Германија. Во областа на воената авијација, пред се’ во транспортниот сектор, соработката на европско ниво трае одамна, што, меѓу другото,  се покажа и во текот на неодамнешната мисија во Мали. Таму Французите преземаа голем дел од воените дејствија на теренот, но логистиката беше во потполност европска. И заедничкиот кризен штаб во германскиот град Улм е дел од таа стратегија.

Заеднички во акција

Но, не се сите воодушевени со трендот на откажувања од некои компетенции поради штедење. „Безбедносната политика денес повеќе зависи од финансиите отколку од стратешки важните прашања“, критикува Кристијан Мелинг од германската фондација „Наука и политика“. Тој, на „одбранбено-економскиот императив“ гледа со ,најголем скептицизам, особено што некои земји од сојузот, како на пример Германија, не можат да се откажат од некои безбедносно-одбранбени елементи. Затоа и ефектот на штедење во Бундесверот, засега отсуствува. Освен соработката на терен, партнерите сега тесно сореботуваат и на високо ниво. Денес НАТО-партнерите веќе не водат самостојни акции, без согласност на останатите. „Времето на самостојни акции е зад нас“, кажува Мелинг. Но од тоа произлегува дека во воените акции се вклучуваат се’ повеќе земји и партнери кои и не ги поддржуваат со во целост некои од потезите на другиот партнер. Тоа на многумина, особено во Германија, не и се допаѓа.