1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како соседите гледаат на Хрватите?

Хрватите се културни, исполитизирани, гостољубиви, работливи, ратоборни, дистанцирани, мирољубиви и мрзливи. Такво мислење имаат за нив граѓаните од државите на подрачјето на екс Југославија, покажува едно истражување.

Професор Божо Скоко од загрепскиот факултет за политички науки поводот за истражувањето за стереотипите меѓу народите од подрачјето на бивша Југославија го пронашол во малиот број трудови објавени досега кои се занимаваат со меѓусебните перцепции на државите на овој простор, како и имиџот на Хрватите во соседните земји.

Но, тој барал одговори и на прашањата-дали се Хрватите во очите на соседите регионален лидер, културен и напреден народ, или Хрватите ги доживуваат како полоши и послаби од себе, како и колку меѓусебните стреотипи се промениле од оние предвоените, па и историските.

Најпозитивни во Македонија, најнегативни во Србија

„Кога говориме за имиџот на Хрватска во соседните земји, тој од еднастрана е збир на оние последици кои ги остави војната, а од другастрана на животот изминатите 70 години. И на крајот, на погледите создадени врз темелите на медиумското известување во последните десет, дваесет години, како на оние во соседните држави, така и на хрватските медиуми, зашто тие се доста следени во регионот“, истакнува професор Скоко.

Имиџот на Хрватска, покажуваат неколку истражувања од минатите години, е далеку попозитивен отколку што сметаат аналитичарите и граѓаните. Најпозитивен е во Македонија, а очекувано, најнегативен е во Србија со која беше во војна. Меѓутоа, иако на прво место доаѓа асоцијацијата на воените збиднувања, веќе на второ место се истакнуваат хрватските убавини, економската развиеност, добрите патишта, културното богатство и слично. Ако се погледне дали Хрватска е модел за приближување кон евроатлантските асоцијации, во Србија на неа не се гледа така, но таквата перцепција е изразена во Македонија и во БиХ.

За Словенците, Хрватите се мрзливи

Dr. Bozo Skoko

Проф. д-р Божо Скоко

При споредба на истражувањата за тоа како Хрватите ги гледаат своите соседи, тогаш тие најдобра слика имаат за Унгарците, Италијанците и за Австријците, додека нешто полоша е сликата за Словенците поради граничниот спор. Хрватите меѓутоа им признаваат на Словенците дека се понапредни во стопанството и во демократијата. Што се однесува на БиХ, во Хрватска на неа се гледа како на симпатична земја во која нема стрес, која е позната по гастрономијата и хуморот, но тоа покажува „дека на БиХ не се гледа покомплексно, таа не се доживува политички“, вели Скоко.

Србите мислат за Хрватите дека се геноцидни, ратоборни, исполитизирани и културно дистанцирани. Интересно е што сите народи, исклучувајќи ги Словенците, во значајна мерка сметаат дека Хрватите се трудољубиви. Единствено словенечките испитаници високо ја рангираа тезата за мрзливоста на Хрватите. Во Хрватска пак Србите се перципирани како ратоборни, националисти, агресивни и патриоти. За Хрватите пак, Босанците се многу религиозни, а веднаш потоа гостољубиви, конзервативни, духовити, традиционалисти и весели луѓе.

Хрватите пред се‘-културни

И ова истражување во добар дел ги потврди претходните во кои анкетираните за најпозитивна карактеристика на Хрватите ја наведуваат нивната култура. Станува збор за стереотипи, нагласува професор Скоко, што присутни стотина години како меѓу интелектуалците, така и меѓу граѓаните на соседните народи.

„Хрватите се културен народ, се наведува во овој стереотип, но многу исполитизирани, арогантни и студени“, вели Скоко. Би можело да се каже дека на истокот перцепцијата за Хрватска е: таа е развиена, ја има културата од Запад, но е малку арогантна кон Балканот.

Zagreb, Kroatien Trg bana Jelacica

Загреб

Се‘ помалку резерви

Изминатите децении на Факултетот за политички науки во Загреб се мереше т.н. социјална дистанца. Утврдено е нејзино намалување со протекувањето на војната и сите конфликти, зашто таа пред 20, па и пред 15 години беше особено изразена кон граѓаните од српска националност, но послендите години драстично се намалува. Секао дека се‘ уште е забележлива, но во споредба со некои други европски народи кои меѓусебно војувале, тоа и не е толку нагласено.

„Генерално зборувајќи, Хрватска доста благонаклоно гледа на остатокот од светот, а жално е што грст хулигани прави такви инциденти, кои пренесуваат слика на целиот народ“, изјави професор Скоко за инцидентите на фудбалските навивачи на домашни и меѓународни натпревари на на кои учествуваа фудбалери со темна боја на кожата.

Како резиме, од поранешните истражувања кои ги вршел професор Божо Скоко, очигледно е дека некои стереотипи на подрачјето на бивша Југославија се присутни со столетија. Факт е дека стереотипите добиваат на значење во пресрет или за време на воени судири, па ќе треба многу време за меѓусебно разубедување-дека еден народ всушност е поинаков од сликата формирана врз основа на предрасуди.