1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како се живее во постојан мрак

Во Македонија има закони за правата на слепите, но за жал истите не се почитуваат. На неколкуте илјади слепи луѓе им треба поголема помош од државата и сограѓаните за да ги совладуваат бариерите во секојдневниот живот.

default

Тие се наши соседи. Во разни животни несреќи го изгубиле видот, но не и надежта, хуманоста и ведриот дух. Ги има неколку илјади во Македонија. Еден од нив е Кире Димитриовски од Велес, физиотерапевт во пензија, кој со својата работа и денеска им помага на многумина да се исправат на нозе по тешката операција. Секогаш ведар, насмеан и полн со позитивна енергија, вели дека сака да им помага на другите.

Но Кире како и останатите слепи лица е соочен со бројни бариери, пред се‘ архитектонски, поради што не може сам да се движи по улица. „Бариери има на секој чекор, јас не смеам сам да тргнам низ Велес. Уште на вториот чекор ќе паднам, зашто има нерамни тротоари, неправилни улици ‘‘.

Скапи помагала

Кире е многу надарен, свири на шест инструменти, компонира, имитира и има уште многу таленти. Но затоа има потреба од технички помагала кои се скапи и не може да ги купи, поради што бара помош од државата. „Државата треба многу да го менува својот однос кон нас, да ни помага. Ние немаме тифло технички помагала. Јас, колку сум љубител да пишувам песни , немам прибор за пишување.Немам Брајова машина за пишување, 20 години барам од државата преку Здружението на слепи лица и ми велат нема. .А скапи се за сам да ги набавам, бидејќи имам мала пензија‘‘.

Неговата помлада колешка Весна Спасовска, физиотерапевт во велешката болница, е исто така лице со оштетен вид. Но и покрај се‘, таа е силна, храбра и енергична жена спремна секому да помогне. Затоа бара од многумина да ја сменат својата некултура на однесување кон нив.

„Не сум многу задоволна од останатие луѓе. Би требало кај голем дел од нив да се подигне свеста, односот и културата на однесување кон нас‘‘.

Тони Пајдаков е секратар на Здружението на слепи лица на Велес, кое е едно од 18-те вакви членки на Сојузот на здруженијата на слепи на Македонија. Пајдаков потенцира дека во Македонија има закони за правата на слепите, но за жал истите не се почитуваат.

„Во Македонија постојат многу закони со кои се регулираат многу нешта поврзани со инвалидните лица, меѓу кои и слепите. Прашањето е дали тие се почитуваат ? Секако не значи дека тие се целосно добри и дека не треба да се работи на нивно подобрување. Кога зборуваме за помагала кои им следуваат на слепите лица кои им ги нуди државата, тие во животот имаат право на само едно Брајова табла и Брајово шило, кои во другите земји одамна се вон употреба ‘‘.

Blindenschrift entwickelt von Louis Braille

Читање со помош на посебна азбука

Прво звучно списание

Здружението неодамна го издаде првиот број на звучното списание „Зрак“, кое бесплатно им го подели на над сто свои членови. Велешкото здружение има единствена библиотека во Македонија со десет книги со Брајово писмо, наменето за слепи лица. Таа веќе 6 години не е збогатена со нови наслови, за што е потребна Брајова машина за печатење. Потребни им се и компјутери со софтвер со кој текстот се претвора во говор и уште многу други технички помагала, појаснува Пајдаков. Тој потенцира дека крајно време е државата и сите да се запрашаат колку им помогнале на овие сограѓани. И конечно од зборови да се премине на дело.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Жана Ацеска