1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како се викате?

Разрешувањето на македонско-грчкиот спор не зависи само од Македонија, изјави во ПС на СЕ македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, додавајќи дека не може да прогнозира кога ќе биде решен спорот.

default

Антонио Милошоски одговараше на прашања

Реформа на Европскиот суд за човекови права, мултикултурноста во Европа и учеството на помладите генерации во Европските демократски процеси посебено во Југоисточна Европа се трите приоритети што министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски во својство на претседавач со Комитетот на министри ги презентираше во првото обраќање пред пратениците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Во размената на мислења со парламентарците од 47 земји членки, Милошоски мораше да одговори на прашања кои директно се однесуваа и на неговата земја.

Француската парламентарка Мари-Ивон Блондан се интересираше за поделбите и политичката тензија во Македонија исто како и двојазичната настава.

„Монуменеталниот проект Скопје 2014, е ново сведоштво, исто како и двојазичната настава, за постоечките тензии меѓу двете заедници. Дали денес Рамковниот договор потпишан пред девет години, треба да биде обновен?“, праша таа.

„Македонија не е идеална земја и таа не претендира дека е идеално општество. Но, со оглед на контекстот, од нашата независност Македонија успеа, понекогаш и во не многу поволни услови, да одржи поволни меѓуетнички односи: ние имаме цел да развиеме функционална демократија во едно мултиетчничко општество. Имаме иста цел што сите ја делиме за меѓуетнички соживот“, рече Милошоски.

Како да се рече?

„Кое е името на Македонија? Како се викате? Ние секогаш велевме Македонија, но како треба да се рече?“, праша литванскиот парламентарец Егидиус Варијакис.

На ова прашање, исто како и на забелешката на шефот на грчката парламентарна делегација Констатинос Вретос дека Македонија ги крши резолуциите на ОН и го злоупотребува претседателство со Комитетот на министрите со користењето на придавката „македонски“, Милошоски одговори дека неговата земја навистина сака да има има добрососедски односи со сите соседи, вклучувајќи ја и Грција. Македонија, според Милошоски, инвестира многу во билатералниот дијалог за решавање на спорот за името. Тој, притоа, истакна дека се надева оти ќе се најде заемно прифатливо решение во најкраток рок.

Antonio Milososki

„Не се осмелувам да прогнозирам“

Веднаш по дебатата во ПС на СЕ, Милошоски во изјавата за Дојче Веле не одговори со прецизност за колку време може да се најде тоа решение.

„Не би можел, уште еднаш не би се осмелил да прогнизирам, но само би кажал дека ние би имале желба што е можно поскоро да имаме напредок во овој спор“, рече Милошоски и додаде:

„Но, со напомена дека не сакаме нереално да ги подигаме очекувањата, затоа што има две опции: такво скоро решавање да се случи или да не се случи. Истовремено да укажеме на фактот дека разрешувањето на македонско-грчкиот спор не зависи само од Република Македонија. Кај нас постои добра волја во рамките на она што може да се утврди како решение коешто не би ги нарушило националните интереси и самиот македонски идентитет. Но, истовремено не можеме да гарантираме какво ќе биде однесувањето и пристапот од грчката страна. “

„Македонија ужива симпатии во ПС на СЕ“

Според шефот на македонската дипломатија, легитимно е што во Стразбур постои интерес за прашањето за името и внатрешната ситуација во земјата.

„Не е тајна дека земјата е популарна повеќе отколку што е потребно заради оспорувањето на нашето уставно име, тоа и на моменти може да се забележи тука во СЕ и по однос на нашиот наслов за претседавње. Ценам дека Стразбур, исто така, може да биде добар форум на пошироката европска јавност да и‘ се даде чувството на една земја којашто не бара ништо повеќе од тоа, освен еден правичен пристап и можност за нејзина проактивна улога во нешто што самите сакаме да го наречеме достоинствен компромис. Да не бидеме подложени од една страна на наметнати решенија од страна на Република Грција, а од друга страна да не можеме да ги изразиме и нашите аргументи. Ценам дека ПС на СЕ е место каде што Македонија ги ужива симопатиите. Мојот впечаток од комуникацијата со голем број парламентарци е дека Република Македонија на своја страна цврсто ги има аргументите, меѓунардоното право и европските вредности кога станува збор за националното име на народот.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска