1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како политичарите го користат говорот на телото?

За време на предизборната кампања, очите на избирачите се цврсто вперени во политичарите. Повеќето внимателно го следат секој настап на кандидатите, коментираат за облеката, накитот, говорот на телото.

„Рук Цук“ е називот на еден многу популарен телевизиски квиз во деведесетите во Германија. Кандидатите мораа да покажат, односно, да погодат одредени поими што побрзо. Единствено правило е што при тоа не смееја да користат гестови и звуци. Посматрајќи ги германските политичари може да се стекне впечаток како оваа игра без гестови меѓу нив сѐ уште трае - посебно доколку се споредат со колегите од странство. Да се присетиме само на гестот, опуштениот потег на Обама кога ова лето во Берлин изненадно го соблече своето палто. Во споредба со него, се чини дека германската канцеларка дури ни на температура над 30 степени не се поти. Додека американскиот претседател со задоволство танцува и пее на цел глас, Ангела Меркел мирно ги слуша оперите на Вагнер. Дали е тоа типично германски - да се пренесе содржината без користење на гестови, без никаков говор на телото?

Стабилност наместо тестостерон

И да и не. Мимики и гестови користат и германските политичари, но многу формално. Тоа пред сѐ важи за Ангела Меркел. Нејзиниот говор на телото се карактеризира со контролирана мимика и симетрична гестикулација. Ваквото држење посебно сигнализира стабилност и ги доловува чувствата на доверба и сигурност. Во тоа добро се вклопува и начинот на нејзиниот говор, во кој нема полемизирање и кој делува урамнотежено“, вели Штефан Вера експерт за говор на телото и Паула Диел, политиколог. Тие двајца веќе со години се занимаваат со истражувања за политичарите во јавноста.

Bildergalerie Politiker Gestik Merkel

Говорот на телото на Меркел се карактеризира со контролирана мимика

Како што вели Паула Диел, во споредба со Ангела Меркел, нејзиниот најголем соперник во трката за канцелар, Пер Штајнбрик, е многу поимпулсивен, поагресивен и остава впечаток дека има борбен дух. „Неговиот говор на телото е многу поразличен од тој на Меркел. Неговата гестикулација и движења се чести, неговите движења се поинтензивни, тој често се движи низ просторот. Со тоа вниманието го врти кон себе, додека кај Ангела Меркел прво се забележува нејзината функција, односно улогата која ја исполнува“, вели Паула Диел.Таа додава дека Штајнбрик притоа користи типично машки начин на изразување со јак акцент на имиџот на експерт, додека Меркел избегнува сѐ што би можело да го наруши неутралниот впечаток кој сака да го остави.

Сцени од брачниот живот - да, но само во Америка

Но и покрај сѐ, Пер Штајнбрик во споредба со политичарите од САД, а посебно со тие од Латинска Америка, делува сувопарно и службено. Кога неодамна на една германска телевизија испушти неколку солзи кога неговата сопруга го пофали пред камерите, дури ни тоа не делуваше посебно спектакуларно. „Во Латинска Америка и во САД изборните кампањи се поемоционални и тоа без обзир дали станува збор за политички расправи или начинот на кој некој политичар се претставува, односно поставува на сцената“, вели Паула Диел, и самата по потекло од Бразил. Таа го наведува примерот на аргентинската претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер. За време на предизборната кампања во 2011 година таа многу често ја покажуваше својата тага за починатиот претседател и својот сопруг Нестор Кирхнер. Во јавноста се појавуваше исклучиво во црно, а името на Кирхнер не го споменуваше, туку цело време зборуваше како за „него“.

Како во Јужна така и во Северна Америка, политичарите многу често не се воздржуваат од остра критика против своите противници. „Тогаш тие почнуваат да зборуваат и за нивниот приватен живот. Тоа засега го нема во Германија. Овде политичарите сѐ уште се обидуваат да го остават на страна приватниот живот. А тоа го прифатија и германските медиуми. Сите имаат разбирање за тоа дека Ангела Меркел не излегува во јавност со својот сопруг. Речиси никој не поставува прашања во врска со приватниот живот“, вели Паула Диел. Освен тоа во Германија, партиите играат важна улога, додека на пример во САД во политиката доминираат политичарите.

Bildergalerie Politiker Cristina Fernandez de Kirchner 10.12.2011

Кристина Фернандез де Кирхнер

Буш и Обама на хамбургер, Берлускони со гаќи на плажа

Кога станува збор за говор на телото, таа наведува како мора да се води сметка и за културните разлики, и разликите во менталитетот на различните земји. Европејците од северот по правило помалку гестикулираат, за разлика од своите јужни соседи. Во врска со тоа постои цела низа на ситуации во кои политичарите на некои земји со задоволство се покажуваат во јавноста за да го зголемат впечатокот на поврзаност со народот и традицијата. „На пример, германските политичари со задоволство пред камерите ќе гризнат некој печен колбас. И во САД храната за време на предизборните кампањи игра голема улога. Барак Обама за време на својата кампања многу често јадеше разни хамбургери“, вели политикологот и новинар Константин Александер.

Во Италија политичарите во последно време сакаат да се фотографираат на плажа, во костими за капење. Овој тренд „го воведе“ поранешниот премиер на земјата, Силвио Берлускони. „Многу е интересно да се набљудуваат промените во говорот на телото, откако во Италија се појави Берлускони. Тој говор на телото не се придржува на востановениот начин како досега се прикажуваа политичарите. Освен тоа, новост се и вицевите кои често се под границата на пристојност и се чини дека со тоа сака да се каже: „Јас имам толкава моќ и можам да си дозволам настап кој не е типичен за политичарите“, вели Паула Диел.

Одлучуваат сепак симпатиите и чувството на поврзаност

Но, сѐ уште останува отворено прашањето дали може одредена мимика, гестикулација и симбол да донесе победа на изборите. „Само одреден говор на телото, сигурно - не. Но од друга страна мораме да водиме сметка и за тоа дека, иако секогаш се концентрираме на содржината, нашиот мозок впива, регистрира и реагира на многу повеќе отколку што тоа самите го мислиме. Доколку во нечија близина не се чувствуваме удобно и ако имаме чувство дека некој не нѐ разбира, тогаш многу брзо престануваме да го слушаме. Во таа смисла, Паула Диел уште еднаш упатува на важноста на храната.

Bildergalerie Politiker Gestik Peer Steinbrück mit Wurst

Пер Штајнбрик остава впечаток дека има борбен дух

„За време на предизборните кампањи во САД, кога главни кандидати беа Џорџ. В. Буш и Џон Кери, се спроведоа многу анкети помеѓу избирачите. Кога ги прашале зошто не сакаат да гласаат за Кери, многу одговорија како не можат да си замислат со него да седат дома и пред телевизорот опуштено да јадат хамбургер - додека истата сцена со Буш можеле да ја замислат. Кој победи, знаете и самите...“, заклучува Паула Диел.