1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како натаму по уште една блокада во Брисел?

Македонија извиси на уште еден Самит на ЕУ на кој требаше да добие датум за почеток на преговорите. Ваквиот развој кој беше очекуван и најавуван од власта, делува обесхрабрувачки и отвора дилеми - како и што натаму.

Опозицијата изрази разочарување и побара објаснување зошто земјата тапка во место, власта пак уште поодамна јасно соопшти дека процесот повторно ќе биде блокиран поради Грција. Во вакви услови аналитичарите сметаат дека земјата мора да ја прилагоди својата стратегија на реалните факти, но и да се подготви на засилен притисок од САД и ЕУ за внатрешен компромис во спорот за името. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски не е изненаден од ваквиот развој. Според него, постојат две причини поради кои Македонија не се најде на дневниот ред на Европскиот совет:

„Првата е што и Софија јасно стави до знаење дека ќе ја блокира и втората, поврзана со неа, дека Брисел не може да си дозволи било каква позитивна одлука за Србија, со истовремено игнорирање на Македонија. Не смее да се заборава дека целиот регион, па и Брисел и Вашингтон, десетина години беа заложници на политиките на Милошевиќ, додека Македонија беше максимално кооперативна. Факт е дека Брисел нема скрупули ама, сепак, мора да има некакви граници.

Впрочем, во прашање е ’букурешката политика’, од 2008-та: прво името, потоа членство. Тоа значи дека Македонија нема никакви објективни изгледи да напредува кон НАТО и ЕУ, бидејќи никој нормален во земјата нема да прифати нејзино прекрстување заради разнебитување на сопствениот македонски народ. Сега веќе сите знаат дека се работи за народот а не (само) за името на државата. Токму затоа, крајно време е Македонија да се соочи со вистината и да ја прилагоди сопствената стратегија на реалните факти. Што поскоро се преземат конкретни чекори во таа насока, подобро за сите. И во земјата, и во Брисел и, особено, во Вашингтон“, смета Никовски.

Универзитетскиот професор Мирјана Малеска пак смета дека претседателот на државата, владата, министерот за надворешни работи и други надлежни високи функционери во државата се адресата на која треба да се упати прашањето за идните чекори:

„Тие исчезнаа овие денови за да избегнат за нив вакви незгодни прашања. Сепак, од една телевизиска емисија во која гостуваше претседателот на државата, може да се реконструира како треба Македонија да се однесува по самитот во Брисел. Според мене, тој испрати ваква порака: Не сме подготвени за компромис, не не‘ принудувајте. Не се откажуваме од ништо. Ако инсистирате, ќе ги замениме нашите досегашни национални интереси(интеграција во ЕУ и НАТО) со некои други. Ќе видиме кои, а народот ќе ни даде мандат за тоа. Притоа, во народ тој не вброи 25% Албанци во Македонија, што е доволно за дестабилизација на земјата. Не дека власта не е свесна за тој факт, туку како божем да се застраши Брисел од евентуалните последици од нивната ’непринципиелна политика’ и да ја принуди Грција да попушти. Меѓутоа, тоа нема да се случи. Европската и американската политика и натаму ќе работат на тоа дека во земјата релевантните политички партии мора да постигнат согласност за компромис со Грција по ова прашање. Колку време ќе биде потребно и по која цена, ќе видиме. Со сила ништо не бидува“, коментира Малеска.

Mazedonien Tetovo Multiethnische Gemeinschaft

Проф. Мирјана Малеска

Директорот на Институтот за европска политика Малинка Ристевска Јорданова предупредува дека сега е потребна сериозност, активност во насока на враќање на довербата и политичкиот дијалог:

„Што е можно побрзо да се оконча работата на Комисијата за настаните во Собранието на 24 декември, да се идентификува и да се понесе политичка одговорност за овие настани. Владата да направи целосен пресврт во односот кон медиумите, претседателот да иницира систем на консултации меѓу главните политички субјекти за стратешките прашања околу ЕУ и НАТО, особено за прашањето на името како клучно. Со овие чекори постепено да се враќа доверба и воспоставува политичкиот дијалог, за да може да се отворат другите актуелни прашања. За жал, иницијалните реакции по Самитот не даваат оптимизам дека работите ќе се одвиваат во вистинската насока“, коментира Јорданова.

Премиерот Никола Груевски во неговото последно интервју меѓу другото забележа дека Македонија е изложена на поголем притисок за името и поради внатрешното неединство околу ова прашање, наспроти цврстиот заеднички став во Грција. Во вакви услови, земјата, според него, нема алтернатива освен да продолжи со реформите да се движи напред и паралелно со тоа да бара решенија за предизвиците како што се оние со НАТО, ЕУ и Грција. Македонија, според Груевски, е подготвена за дијалог по последните идеи на медијаторот Метју Нимиц, но како што вели, такво нешто не гледа и кај другата страна.