1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Како можете да заработите со смартфон

Оние што поседуваат смартфон можат да дојдат и до лесна заработувчка преку новите апликации. Проверете дали паркингот е чист, или автомобилот оштетен испратете фотографија и голем број компании ќе ви платат за услугата

Парите лежат на улица, гласи една германска поговорка. За Паскал фон Кнохе тоа е реалност. Секогаш кога е на улица тој работи по нешто со својот смартфон. Го фотографира менито во некое кафуле или име на некоја улица и на тој начин заработува по некое евро. Клиенти се бизнисмените.

„Тоа се набрзина заработени пари, попат, додека чекате исто така можете да заработите некое евро, или додека сте некаде во близина, и онака минувате оттаму, ќе го вклучите мобилниот, ќе направите фотографија, ќе ја испратите и ќе заработите едно евро“, вели Паскал Фон Кнохе, со новиот жаргон наречен „микроџобер“.

Тоа го овозможува „Апџобер“, мала програма за смартфони. Доколку се регистрирате можете да видите какви работни понуди имате во близина и да аплицирате. Паскал фон Кнохе проверува една станица за рент-а-кар. Дали се читливи ознаките, дали е возилото оштетено, дали е исчистено местото за паркинг? Што точно треба да прави му кажуваат фирмите. Преку Апџобер тие штедат пари, затоа што за вакви информации не им е потребен сопствен персонал. Принципот го објаснува Томас Шверинг од сервисот за изнајмување автомобили на германската железница:

„На тој начин можеме брзо да реагираме, веднаш ги добиваме фотографиите и

можеме да испратиме сервисер до возилото кој потоа може да ја санира штетата на возилото“.

За секоја завршена работа се добива најмалку едно евро. Можат да бидат и пет или десет, во зависност од задачата. За фирмите евтина и достапна работна сила, и брзи и лесно заработени пари за заинтересираните- тоа е идејата на изумителот на апликацијата.

„Ни стана јасно дека овие 30 милиони луѓе кои поседуваат смартфон во Германија не се само конзументи, туку и продуценти, што значи дека тие можат да бидат искористени, а тој принцип се нарекува ‘краудсорсинг’. Тоа значи дека претприемачите ја користат масата, луѓето, за да стигнат до информации. Бидејќи овие луѓе и онака се на лице место и можат ефикасно да извршуваат задачи“, вели Роберт Локајчик од фирмата „вер денкт вас“ која е автор на апликацијата.

Може да се резервираат до 20 задачи во исто време. Оваа работа се заснова на квантитетот. Од неа не можете да се збогатите. Но за едно лате макијато ќе стигне во секој случај.