1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Како им беше на Полјаците, така ќе им биде и на Хрватите

Хрватска во јули треба да стане членка на ЕУ. Но, што се однесува до пристапот до европскиот пазар на трудот, таа ќе мора да почека. Работно место во Германија ќе може да се добие само со одредени ограничувања.

Збигњев Дараш е еден од четири илјади полски градежни претприемачи во Берлин. Во последните три години Полјаците ја сочинуваат најголемата група на претприемачи со мигрантско потекло во германскиот главен град. Имено, Германија по проширувањето на ЕУ за граѓаните од новите земји-членки го ограничи пристапот до својот пазар на труд. Полјаците мораа да чекаат, а истата судбина наскоро ги очекува и граѓаните на Хрватска.

Zbigniew Darasz

Збигњев Дараш

Преодниот период првично беше ограничен на две години, а подоцна тоа беше продолжено уште двапати, најпрво за три, а на крајот и за дополнителни две години. Со тоа граѓаните од новите земји-членки мораа севкупно да чекаат седум години, за да можат во Германија да добијат слободен пристап до пазарот на труд и овде да побараат некое работно место.

Со оглед на тоа, Полјаците беа принудени да бараат алтернативи и првенствено ги најдоа во делот на слабо платените работни места. Илјадници граѓани од Полска отворија свои сопствени претпријатија во секторите како што е градежништвото, негата и чистењето. Како фирми тие можеа да делуваат во Германија, бидејќи самостојните дејности биле исклучени од споменатите ограничувања.

Сопствена егзистенција без богатство

Еден од нив е Збигњев Дараш, кој основал свое претпријатие во кое бил единствен запослен. Според проценките на експертите, во Германија овие мали самостојни дејности во 90 проценти од случаите се во рацете на странски претприемачи. Тие реновираат станови или, пак, преземаат работи пред се’ на градилиштата.

Arbeitsmarktöffnug für Polen und andere EU-Länder am 1. Mai Flash-Galerie

Полјаците чекаа седум години за да добијат пристап до германскиот пазар на труд

„Од тоа не можете да се збогатите“, вели 56-годишниот Дараш. Неговиот советник Анжеј Ковалски додава дека малите претприемачи во своите татковини немаат вистинска алтернатива, па со задоволство се определиле за овие мали работи. Ковалски советува многу полски претприемачи во Берлин и тоа веќе со години. Тие по правило лошо го владеат германскиот јазик и им е потребна помош при комуникацијата со институциите.

Имено, кога странците сакаат да работат во Германија како самостојни работници, тогаш тие мораат да исполнат одредени формалности: потребна им е посебна дозвола за работа за приватни претприемачи, како и полиса за осигурување.

Зелено светло за елитата

Додека другите европски земји веќе одамна се отворија за новите земји-членки од нив профитираа, Владата во Берлин го запираше овој процес. Исклучок имаше само за лицата со посебни занимања, како што се докторите, инженерите и компјутерските експерти.

Polnischer Bauarbeiter in Leipzig

Полјаците во Германија најчесто работат на градилишта

Причината зошто Германија во два наврата го продолжуваше рокот за отворање на своите врати на пазарот на труд експертите ја бараат во фактот дека во земјата нема закон за минималните месечни примања. Со самото тоа постои страв дека странските работници со своите ниски цени би можеле да ги загрозат домашните претприемачи.

И покрај се’, бројот на доселеници во Германија во последните две години сепак порасна многу – првенствено во делот на слабо платените работи. Херберт Брикнер од Институтот за истражување на трудот од Нирнберг вели дека бројот на доселениците од Полска и седум други нови членки на ЕУ се удвоил и изнесува околу 280.000 лица. Тој нагласува дека оваа бројка до мај годинава ќе порасне на околу 340.000 работници.

Потреси на пазарите на труд

Треба да се нагласи дека одливот на сручњаците, на пример, од Полска во Германија се чувствува на домашниот пазар на труд, во случајов полскиот. Од 2004-та година повеќе од два милиони Полјаци ја напуштиле својата татковина. Додека апсолвентите заминуваа во Германија, во Полска мораа да дојдат стручњаци од Украина. Големи полски градови, каков што е и Вроцлав, мораа да стартуваат големи кампањи во странство за да привлечат работна сила. Тоа во голем дел и им успеа, делумно и поради тоа што пораснаа месечните примања во Полска.