1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Како живее несрпското население во Бања Лука?

Неодамна во еден угостителски објект во Бања Лука гостите добиле закани на национална основа. Поради овој, но и поранешни случаи, се поставува прашањето како во Бања Лука денес живеат граѓаните од несрпска националност?

Според Уставот на Република Српска Бошњаците и Хрватите се конститутивни народи во овој босанскохерцеговски ентитет. Националната застапеност е испочитувана само во врвот на власта во РС, како што е Уставниот суд на чие чело се наоѓа Бошњакот Џерард Селман. „Вакви примери има многу“, вели првиот човек на Советот на народи на РС, Мујо Хаџиомеровиќ, наведувајќи дека на пониските нивоа тоа не важи. Како најдобар пример за тоа, го посочува Секретаријатот за вера во кој има деветмина вработени и сите се Срби: „Според тоа, кој е вработен навистина се гледа дека сето тоа е декларативно. Не се почитува одлуката за конституитивност на народите - рамноправност.“

Иако нема официјални податоци, проценките на невладините организации говорат дека на територијата на РС живеат само 15 насто Бошњаци, што е само 30 проценти од нивниот бројот од предвоениот период. Процентот на Бошњаци вработени во институциите, органите на управата и фондовите е околу 3, а на Хрвати само 1 процент.

Многумина сметаат дека ова е потврда дека конститутивноста е само на хартија. Зијад Бегиќ, професор по физика во Медицинското училиште во Бања Лука вели дека националната застапеност на вработените би можела да биде подобра, но и оти тој никогаш немал проблеми поради тоа што е Бошњак: „Како Бошњак немам никакви проблеми. Не се чувствувам ниту по една основа како човек со помала вредност во однос на останатите. На работното место целосно се чувствувам како рамноправен граѓанин на Бања Лука“.

Banja Luka Stadtzentrum

Бања Лука

Некогаш сепак беше подобро

Сепак, има и такви кои на сопствена кожа почувствувале што значи да се биде Бошњак во Бањалука. Тие главно не сакаат да зборуваат за тоа. Оние кои се согласија, велат дека немаат проблеми во смисла на безбедноста, но оти мнозинството од нив не успева да ги оствари правата кои му се загарантирани со уставот: „На Бошњаците им е допуштено да се вратат или да си го повратат имотот. Тоа е се’. Уште, пак, ако не сте политички подобен и член на некоја од српските партии тоташ проблемите се поголеми. Со години имав проблем со личните документи. Имав лична карта од Сараево, а живеев во Бања Лука“, вели еден граѓанин на Бања Лука.

Исламската заедница во Бања Лука во најголем дел ги собира Бошњаците од овие простори. Поради тоа, го прашавме бањалучкиот муфтија, Едхем Чамџиќ, како живеат денес граѓаните кои не се од српска националност во Бања Лука: „Тоа е погрешно прашање. Јас мислам дека сите луѓе добро живеат. Секоја година се подобрува состојбата во Бања Лука. Инаку, Бања Лука е многу убав град“, дипломатски одговара Чамџиќ.

Публицистот од Бања Лука Наил Османчевиќ се присетува на поранешните времиња кога не се гледало кој од која вера е. „Денес сепак има работи кои пречат“, вели Османчевиќ. „Периферијата, каде се повеќето Бошњаци, Горен Шехер, сега е срамно наречен Српски Топлици, неуреден е, пропаѓаат најстарите куќи во Бања Лука, бањи...“.

Хрвати „како да нема“

Bosnien und Herzegowina Minderheiten Ivica Dujic Kroatische Gemeinschaft in Banjaluka

Ивица Дујиќ

Кога станува збор за Хрватите, на територијата на Бања Лука пред војната биле околу 27.000, додека денес се само 3.000. Од 220.000, колку што живееле пред војната на територијата на денешна Република Српска, денес се само 12.000 - со тие податоци располагаат во бањалучката бискупија. Во заедницата на Хрвати во Бања Лука велат дека Хрватите денес во овој град живеат како Србите во Мостар или во некои други средини. Претседателот на заедницата Ивица Дујиќ вели дека во БиХ е тешко да се припаѓа на малцинството: „Во Бања Лука останаа Хрвати кои некогаш за оваа Бања Лука многу придонесуваа и значеа, а сега имаат социјални потреби. Бошњаците тука ги поддржуваат од Сараево, а нас Хрватите? Како да не‘ нема овде во Бања Лука.“

Најмногу со „своите“

Психологот Срѓан Пухало врз основа на истражувања дошол до податоци дека од една страна, на ниво на колективитет нема значајни разлики, ниту имало промени во последните 10 години. „Меѓутоа, што се однесува до личните односи, истражувањата покажуваат дека анимозитетот на ниво на колективитетите исчезнуваат“, вели Пухало. „И тука имате еден парадокс - на ниво на колективитет со кој управуваат политичарите има многу изразени анимозитети, а кога тој однос меѓу обичните луѓе ќе се сведе на животно ниво, тие разлики стануваат значително помали.“

Мнозински дел од јавноста се согласува оти положбата на Бошњаците, Хрватите и останите во Бања Лука и РС е добра од аспект на безбедноста, но проблем е што се сите етнички групи денес во се’ потешка материјална положба.