1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Како е да се биде геј во Босна и Херцеговина?

Страв, двоен идентитет, живот во анонимност – тоа е секојдневието на повеќето хомосексуалци во БиХ. Порано многумина влегуваа во брак и создаваа семејства. Денес се’ повеќе ги има оние кои не сакаат живот во лага.

„Јас сум геј личност, во врска сум веќе шест години и живеам со партнерот“, вака ја почнува својата исповед за Дојче веле еден млад Бањалучанец. Во продолжение ќе го ословуваме со Милан.

Тој објаснува дека постојат две опции. Првата е да живеете како што сакате и чувствувате, во согласност со својата природа. Втората опција е да ги исполнувате мамините, татините и општествените очекувања. „Без оглед колку некогаш да имам проблеми, мене оваа прва опција ми е полесен начин, бидејќи не можам да живеам во лажење и преправање. Баба ми кога ќе ме праша кога ќе се жениш, јас и’ велам - кога ќе ја најдам вистинската“.

Постарите членови од неговата фамилија не знаат дека тој е хомосексуалец. Милан нема татко, а со мајка му одамна зборувал за својата сексуална ориентација и, како што вели, добил премолчано одобрување.

Schwule in Banjaluka

„Љубовта е љубов“

„Мајка ми знае, иако не разговараме за тоа. Имаме добар однос и тоа ми е единствено битно. Што се однесува до колегите од работа – знаат најблиските. Колку и да сум отворен, сметам дека некогаш е попаметно да се премолчи таква работа“, вели Милан.

Милан е активист во бројни организации од цивилното општество и секојдневно среќава припадници на ЛГБТИ популацијата, кои се многу затворени.

„Многумина се оженети мажи, кои имаат деца, а истовремено имаат сексуални партнери од истиот пол. Се поставува прашање колку е тоа нивна одлука, а колку системски проблем. Дискриминацијата, говорот на омраза, кршењето на човековите права – сето тоа влијае некој да каже: јас морам вака, не смеам да ризикувам. Ја осудувам државата и општеството, бидејќи целосно ја игнорираат потребата проблемот системски да се реши“, вели Милан.

Увереноста дека општеството нема да ги прифати такви какви што се, ги тера многумина да немаат подлабок емоционален однос и врска. Тоа ги води во промискуитет и постојано менување на партнерите, што дополнително создава стереотипи за оваа популација, објаснува нашиот соговорник.

„Имам пријатели кои се многу религиозни, а притоа се хомосексуалци. Според нивните изјави и толкувања – тоа е состојба на голем внатрешен конфликт. Тоа не е добро за менталното здравје“, вели Милан.

„Бев жртва на физички напад“

Пред неколку години Милан и неговиот партнер биле физички нападнати на ЛГБТИ забава во Бања Лука. Забавата била од затворен тип, но таму се нашол некој радикален хомофоб.

Schwule in Banjaluka

Милан се надева на еднакви права за сите

„Виде како се бакнуваме и не’ нападна. Иако немаше сериозни повреди, ја почувствував улогата на жртва. Сфаќаш дека мораш сам да се избориш за себе, немаш никаква поддршка, никакви права и не можеш да бараш заштита“, објаснува Милан.

Изливот на нежности во јавноста носи ризик. Милан прашува зошто некому му е дозволено да прави нешто во парк или на плоштад, а на некој друг тоа не му е дозволено. Тој смета дека голема одговорност за тоа имаат и самите припадници на ЛГБТИ популацијата, кои според него се пасивни и незаинтересирани да ги решаваат проблемите.

„Нема на луѓето од небо да им падне просветлување и да рече – сега ќе ги пуштиме педерите да се бакнуваат. Ние треба да инсистираме на тоа и да бидеме упорни“, нагласува Милан.

Не слушајте го, тој е геј

Според него, дискриминацијата е толку голема, што во секој момент може да биде употребено против вас тоа што сте хомосексуалец. Пред неколку месеци во Приједор е одржан собир на граѓани во знак на сеќавање на случувањата во последната војна во БиХ. Градоначалникот овој настан го нарекол геј парада.

„Градоначалникот подоцна се обиде да се поправи, кажувајќи дека организаторите на собирот се хомосексуалци. Навистина не разбирам. Тоа е политичко таргетирање на неистомислениците и дискредитирање на лицата поради нивната сексуална ориентација“, нагласува Милан. Тој верува дека хомофобијата во неговата земја сега не е толку изразена како што била некогаш.