1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Како до поефикасни комисии за етнички прашања?

Во Скопје ќе бидат презентирани искуствата од спроведувањето на проектот за зајакнување на комуникацијата на комисиите за односи меѓу етничките заедници. Проектот поддржан и од ЕУ, се реализира во четири пилот-општини.

default

Тетово

Од минатата година невладините организации „Метаморфозис“ и „Заеднички вредности“ од Скопје реализираат проект за зајакнување на комуникацијата на комисиите за односи меѓу етничките заедници при советите на општините со граѓаните. Со поддршка и од Европската унија проектот се реализира во четири пилот – општини: Чаир, Дебар, Гостивар и Тетово со цел, поконкретно, да ја развие воопшто улогата на спомнатите општински комисии во подобрувањето на позицијата на малцинските етникуми и особено на меѓуетничките односи во општините во Македонија.

Голема зависност од градоначалникот и општинскиот совет

Филип Стојановски, координатор на споменатиот проект од „Метаморфозис“, вели: „Такви комисии постојат во дваесеттина општини во земјата. Тие се дел од механизмите за еднакви можности и за овозможување на правата на сите граѓани, кои се дел од рамковниот договор.“

Mazedonien Tetovo Multiethnische Gemeinschaft

Мирјана Малевска

Јове Кекеновски, експерт за локална самоуправа од Државниот универзитет во Битола, коментира: „Не видовме ниту една конкретна акција на овие комисии. Тие се сфатени само како про-форма комисии, кои само треба да бидат формирани, меѓутоа, нивното влијание е сосема мало. Тие во голема мера зависат од градоначаникот и општинскиот совет.“

Кои конкретни ефекти имаше во изминативе месеци од спроведувањето на проектот за унапредување на статусот на интеретничките комисии во општините и на нивниот придонес кон меѓуетничките односи?

Од „Метаморфозис“ велат дека тие комисии во Дебар, Чаир, Тетово и Гостивар веќе добиле канцеларии и опрема за отпочнување и континуирано развивање активности – нешто што го немало досега. Спроведени се серија јавни дебати на средби со граѓаните во споменатите општини, симболично наречени „Отворен ден“, при што многу граѓани за првпат воопшто дознале дека постојат вакви комисии за етнички прашања во состав на локалните самоуправи.

Превентивни дебати

Стојановски укажува на превентивната улога на интеретничките општински комисии во меѓуетничките

Mazedonien Tetovo Multiethnische Gemeinschaft

Од расправа во Тетово

односи, особено изразена на една средба „Отворен ден“ со граѓаните на Чаир: „Во Чаир на една средба учествуваа и стотина средношколци. Тогаш била спомената можност за тепачки меѓу ученици, што во контекстот на тековните состојби, можеше да доведе до компликации. На ваквите настани, каде што граѓаните се опуштаат и сфаќаат дека може да разговараат отворено, тие почнуваат да зборуваат за оние жаришта на меѓуетнички напнатости, кои што, начелно, не се под ’радарот’ на јавноста.“

Професорот Кекеновски се надоврзува: „Мене ме чуди: како комисијата за односи меѓу заедниците на општина Чаир не реагираше на случувањата на Калето? Ако не можела да ги превенира, зошто не одржи еден состанок потоа и зошто не предложи конкретни мерки до советот на општината, туку им беше оставено на политичките партии да го решаваат случајот?“

Измени во законот за зацврстување на позицијата на комисиите

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid

Јове Кекеновски

Мирјана Малевска, експерт за политички науки и меѓуетнички прашања од Штуловиот универзитет во Тетово, вели: „Тоа им е функцијата на овие комисии: да не им дозволат на градоначалникот и на општинскиот совет да донесуваат секакви одлуки. Одлуки, кои што, да речеме, ги нарушуваат меѓуетничките односи, кои засегаат некого, кои газат, или узурпираат нечии права, а обично тоа е малцинството.“

Кекеновски има конкретен предлог за зацврснување на позицијата на овие комисии: „Законот за локална самоуправа треба да претрпи одредени измени, заради прецизирање на надлежностите на овие комисии, на нивниот состав, како и на нивниот однос со градоначалникот и советот на општината. За да не се регулираат овие аспекти со статутот на општината.“

Проектот за односи меѓу етничките заедници привршува за еден месец, но допрва ќе се отвора прашањето за интензивирањето на нивните активности на локално ниво во целата земја. Со значење толку поголемо колку повеќе ќе се вжештуваат периодично меѓуетничките односи.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска