1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Како до врвно спортско остварување?

Спортистите често се обидуваат да ја надминат издржливоста на човековото тело. Во амбицијата за постигнување врвни резултати тие преминуваат кон нови методи во тренажниот процес, а дел од нив и кон употреба на хемија.

Спортистите го кратат патот за подобрување на издржливоста. Во висински комори, на симулирана височина од 3 илјади метри и разреден воздух, може побрзо да се постигне ефект од тренингот.

„Квалитетот во светскиот врв е енормно висок - и без допинг. Затоа, ако можам да користам легални работи како висинска комора, криокомора и слично за да ги подобрам своите способности, тогаш треба и да го правам тоа“, вели Кристоф Цинер, натпреварувач во триатлон.

Дали со користење на дозволени методи, како висински комори, или со посегнување по забранети препарати од допинг-листата, целта на спортистите е иста: максимално можно самооптимирање.

„Имавме дискусија за тоа, дали има граници на способностите, граници на оптоварливоста. Се разбира дека има граници; проблем е само што не ни се познати“, вели професорот Јоахим Местер, експерт за тренинг.

Мускулите можат да се управуваат, веројатно и да се манипулираат, и со ментални средства.

Olympia London 2012 3000 Meter Hindernis Frauen

Освојувањето на врвните спортски одличја, како што е олимпискиот медал, е сон на секој спортист

Но, во колкава мера психо-трикови, како транс или хипноза, можат да помогнат да се надминат природните граници на организмот за време на натпреварот?

„Тоа всушност воопшто не е потребно. Често пати е доволно спортистите и на натпреварот да го постигнат она, што редовно го постигнуваат на тренинзите. Тоа им успева само на околу 30 проценти“, вели д-р Жанин Олерт .

Во поново време имаше интересен развој во пливањето - со забраната за користење костими за целото тело, кои ја зголемуваа брзината, Светската пливачка асоцијација го прекина ловот на рекорди генерирани од високата технологија. Фокусот сега повторно е врз спортистите, односно од материјалот се сврти кон човековото тело.

А тоа може да влијае и врз методите за допингување.

„Трендот го гледам можеби во обиди да се работи со супстанци од сопственото тело, сопствен тестостерон или хормони за раст, потоа во обиди за помало дозирање и поточно планирање кога може да се употребат одредени работи во фазата на тренинг, а не мора да се смета на контроли“, вели биохемичарот проф. Вилхелм Шенцер.

На олимписките игри во Лондон ќе бидат извршени шест илјади допинг-контроли. Но, менталниот и физичкиот тренинг за олимпијадата фактички за најголемиот дел од учесниците веќе одамна е завршен - со дозволени или со недозволени средства.