1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Како да се спречат инвестиции од државно потекло?

Во германската влада се размислува за воведување механизми со кои германските концерни би биле заштитени од преземања од страна на странски државни фондови.

default

Бумот на кинескиот извоз во државната каса внесе 2 ипол билиона долари резреви

На тој начин Берлин всушност реагира на една изјава на шефот на Дојче банк, Јозеф Акерман кој се изјасни за дефинирање стартегиски подрачја за кои се смета дека мора да бидат под контрола.

Кина, Русија и земјите извозници на нафта, поради големиот извоз, обезбедија огромни девизни резерви, па парите, преку државните фондови за инвестирање, доминантно ги вложуваат во удели во странски фирми. Акерман во врска со тоа дури изјави дека станува збор за нов државен капитализам. И во Меѓународниот монетарен фонд гласно се размислува за преземање мерки против фондовите под капата на владите чиј волумен, според проценките во Вашингтон достигна вкупно 2 ипол билиона, или, ако е полесно за разбирање, 2 ипол илјади милијарди долари. Портфолијата на овие државни фондови се подеднакво непрегледни како оние на хеџ-фондовите, вели економистот во меѓународниот монетарен фонд Сајмон Џексон:„Државните фондови се еден вид црна кутија. Не знаеме што се случува, што не загрижува„. Политиката мора да ги држи на око овие фондови, бидејќи само поради нивната големина би можеле да имаат големо влијание врз финансиските пазари. Ова мислење го застапува и професор Михаел Хитер, директор на инситутот за германското стопанство во Келн:

„Размислувањата на владата се оправдани, зашто овде не станува збор за актери на пазарот кои врз основа на бизнис модели решаваат да се ангажираат во други фирми, туку станува збор за државни пари што се инвестираат во фондови, веројатно од сосем поинакви стартегиски цели со политичка заднина. Оттаму, тоа е нешто преку што не смее така да се мине„.

Фондот за инвестиции на емиратот Дубаи неодамна купи два процента од основниот капитал на Дојче банк. Еден руски концерн е заинтересиран за учество во Дојче телеком. Кина со три милијарди долари се ангажираше во американското приватно друштво Блекстон, за што издвои само 0,3 проценти од нејзините девизни резерви. Германскиот министер за финансии Пер Штајнбрик се прашува:„Што би се случило ако вложат 10 или 20 проценти од нивните девизни резерви„?

Преку беспримерната извозна офанзива, Кина собра повеќе од илјада милијарди долари девизни резерви, од кои голем дел се ангажирани во американски и европски државни хартии. Руските девизни резерви се проценуваат на 400 милијради долари. Големи резерви собраа и арапските земји извознички на нафта кои ги вложуваат во западните фирми.

Со години Кувајт е најголемиот поединечен акционер во Дајмлер Крајслер, додека Иран исто така повеќе години има учество во Тисен Круп. Според мислењето на германскиот министер за стопанство Михаел Глос, ваквите инвестиции и натаму се добредојдени:„Ние не се браниме од инвестиции од други земји. Ниту можеме, ниту сакаме тоа да го спречиме„.

Сепак постојат разлики во принципот на инвестирање во германските фирми од оној пред 30 години, вели професор Хитер:

„Ова се сосема други суми што се пуштаат во оптег. Само да погледаме кон Кина и нејзините државни резерви што државата може да ги ангажира за меѓународни активности. Променет е квалитетот. Нема транспаретност, ниту цел на ангажманот, за разлика, на пример, од учеството на Иран во Круп или други трансакации што не задаваат главоболки„.

Во Франција и САД постојат механизми против несаканите купувања фирми од страна на странски. На пример во САД постои одбор за директни странски инвестиции во земјата. Претставници на Белата куќа, на министерствата за надворешни работи и одбрана, не ги преиспитуваат проблемите од конјунктурен вид, туку исклучиво оние поврзани со националната безбедност. Така, беше спречено купувањето шест пристаништа на источниот американски брег од страна на државната пристанишна фирма од Дубаи, Пост врлд, подеднакво како и преземњето на калифорниското нафтено друштво Унокал, од страна на кинескиот нафтен концерн КНООК.

Бидејќи бројот државно конторлирани фондови за инвестиции расте забрзано, во април на маргините на пролетното заседание на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, се одржа разговор меѓу седумте водечки индустрски држави со Русија, Кина, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати за странските учества во фирмите. Во октомври, на годишното заседание на фондот, преговорите ќе продолжат.